Репрезентацијата во женска кадетска конкуренција отпатуваа за Подгорица каде во наредните десет дена ќе земат учество на Европското првенство (дивизија Б) за кошаркарки до 16 години кое ќе се одигра во црногорската престолнина.

Пред четириесетина дена, селекторот Стојна Вангеловска го одржа првиот собир со своите избранички кои ги одбра на два селективни тренинзи одржани оваа година. Кандидатките за кадетската женска репрезентација тренираа в Скопје, а по неколку дена поминати во нашиот главен град и извршени медицински прегледи заминаа во Маврово на камп.

Во рамки на подготвителниот период, кадетките одиграа седум пријателски натпревари и запишаа четири победи и три порази. Првин славевме против јуниорките на Косово на домашен терен (60-52), а потоа и на гостински терен (57-68). Следеше победнички двомеч против врсничките на Швајцарија одигран во Србија (77-43 односно 62-28)

Следеше пријателски турнир во Скопје (и три порази) со селекциите на Бугарија (54-62), Словенија (58-63) и Израел (52-68).

Европското првенство (дивизија Б) ќе започне да се одигрува на 16. август, а ќе финишира на 25. август. Нашите репрезентативни кадетки се сместени во групата А заедно со домаќинот Црна Гора, потоа Велика Британија, Шведска, Исланд и Грција.

Распоредот на натпревари може да се погледне на следниот линк.