Сениорската машка репрезентација денеска одржа прв собир во пресрет на втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2021. Македонија е сместена во група заедно со Косово (натпревар на гости 13. септември) и со Романија (натпревар во Скопје на 16. септември). Првопласираниот од оваа група продолжува директно во квалификациите за континенталниот собир додека останатите две селекции ќе продолжат во третата фаза од претквалификациите.

На првиот собир кошаркарите кои играат за МЗТ Скопје Аеродром (Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Андреј Маслинко, Андреј Магдевски, Марко Симоновски, Љубомир Младеновски) го најавија своето отсуство, како и капитенот Војдан Стојановски, Бојан Трајковски, Стојан Ѓуроски и Ненад Димитријевиќ. 

- Го поминавме првиот круг, почнуваме со вториот. Како и сите други репрезентации и ние имаме проблеми со играчите и нормално е за овој период да биде така. Но, што е тука е, ќе се прилагодуваме. Ќе почнеме денес, другите ќе се приклучат подоцна. Ги чекаме шестмината од МЗТ Скопје, како и странските кошаркари - Бојан Трајковски, Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски... Иако на хартија натпреварите изгледаат лесно, ќе бидат доста тешки, особено во ваква ситуација. Ќе се обидеме максимално да се подготвиме и да одиграме на ниво. Особено важен ни е првиот натпревар против Косово. Оптимист сум, мислам дека ќе успееме во овој циклус.Разговарав со Хендрикс неколку пати. Ако кажам дека нешто е конечно - ќе излажам. Уште разговараме со него и со клубот. Јас до последен момент нема да се откажам. Како што сега стојат работите, многу тешко е да го имаме Хендрикс. Но, да видиме, беше тешко и пред девет месеци, па во последен момент го добивме. Друга комбинација немаме - или Хендрикс, или без странец. Витингтон е повреден, а Џордан од февруари не настапува. Но, со БиХ, Холандија и Португалија игравме без странец. Работите ќе зависат од нас и нашите глави. Ако психички влеземе подготвени во натпреварите, може да одиграме на ниво, зависи дали со или без странец. - потенцира селекторот Јорданчо Давитков.

-Мал проблем секако ќе ни биде фактот што дури за седум-осум дена ќе бидеме комплетни, по доаѓањето на интернационалците, но мислам дека ќе имаме доволно време да се подготвиме за тоа што нѐ чека. Нема да биде лесно, никого нема да потцениме, особено по ланскиот кикс против Косово и фактот што Романците доаѓаат со најсилниот состав со кој располагаат во моментов. Сепак, сѐ зависи од нас самите. Добро се познаваме, веруваме во себе и со квалитетна игра сигурен сум дека ќе дојдеме до посакуваната цел. Фокусот ни е на највисоко нив и верувам дека ќе оствариме две победи. - дополни репрезентативниот плејмејкер Александар Костоски.