Денот сабота 6. октомври, 2018 година ќе го одбележи почетокот на новата натпреварувачка сезона во првата лига во машка сениорска конкуренција. Единаесет клуба се изборија за место во лигата со највисок ранг во Република Македонија (не сметајќи ја Супер лигата).

Екипата на Работнички ја освои титулата во домашното првценство минатата сезона, во финалето против МЗТ Скопје Аеродром. На финалистите од ланскиот плеј-оф конкуренти оваа натпреварувачка сезона ќе им бидат Гостивар, Куманово 20019, АВ Охрид, Вардар, Блокотехна, Пелистер, Фени Индустри, Кожув и Шкупи.

Ждребот посака да актуелниот шампион ја започне одбраната на јубилејната петнаесетта шампионска титула на гости во Охрид кај „галебите“ кои ланската сезона ја завршија како последнопласирани (6. место) на табелата во Суперлигата. Натпреварот ќе се одигра в сабота, 6. октомври со почеток во 17:00 часот.

Повратникот во првата лига, Вардар, ќе се обиде да се докаже во лигата со најдобрите откако ланската година го освои првото место во Втората лига. Негов противник во првото коло е екипата на Куманово 2009, секогаш желна за нови победи. Натпреварот ќе се одигра в Скопје претстојната сабота со почеток во 17:00 часот.

Пласман во полуфинале од плеј-офот за малку му ’избега’ на амбициозниот тим од Гостивар кој во првото коло ќе разигрува против кошаркарите на Кожув кои пак минатата сезона се спасија од испаѓање во плеј-аут лигата. Меѓусебниот дуел во рамки на првото коло ќе се одигра во Гостивар, со почеток во 18:00 часот, в сабота.

Пелистер избегна испаѓање во втората лига ланската сезона, а оваа ќе се обиде да го поправи впечатокот - во првото коло против Фени Индустри. Екипата на Пелистер нема да биде домаќин на овој натпревар против кавадарчани кои ја прифатија молбата на противникот да ги сменат улогите поради незавршена реконструкција на дел од објкектите во спортската сала „Младост“. Натпреварот ќе се одигра во „Јасмин“ во Кавадарци, в сабота, со почеток во 18:00 часот.

Единствениот натпревар кој ќе се одигра в недела, 7. октомври, е дуел помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Блокотехна, впрочем реприза на полуфиналето од ланскиот плеј-оф. Вицешампионот ќе го предизвика составот од Негорски Бањи со почеток во 17часот и 45 минути, а натпреварот ќе биде пренесуван во живо на првиот програмски сервис на МРТ.

Линковите до статистика во живо во текот на целата натпреварувачка сезона ќе бидат достапни на насловната страница на веб-сајтот на МКФ

Целоосниот распоред на натпревари во регуларниот тек на натпреварувачката сезона е достапен на следниот ЛИНК.

Македонската кошаркарска федерација им посакува успешна натпреварувачка сезона и фер-плеј игра на сите тимови!