Македонската кошаркарска федерација поднесе барање за суспензија на играчот Димитријевиќ Ненад по одлуката на Дисциплинската комисија донесена по пријавата на селекторот Никола Василев до меѓународната кошаркарска федерација, ФИБА, знаејќи дека максималната казна која ФИБА може да ја изрече во ваков случај е 30 дена суспензија од терените.
Ставовите на МКФ и на ФИБА по овој случај се различни, но МКФ е должна истите да ги почитува.

Барањето за суспензија не беше поднесено со намера да се саботира развојот на кариерата на младиот играч туку да се запознае целокупната јавност, кошаркарските работници и неговите колеги за неговиот однос кон националниот дрес - истиот национален дрес кој во изминатите години низ младинските категории му овозможи да напредува во кариерата.

Гореспоменатиот играч наместо да ја искаже љубовта, моралот и желбата за настап во националниот дрес, тој во неколку наврати си поигрува со повиците на селекторите со тоа создавајќи незадоволство кај играчите и кај стручниот штаб.

Такви односи кон националниот дрес и кон државата не се ниту позитивни ниту пак потребни во националните селекции во моменти кога МКФ прави напори за враќање на наши таленти кои немаат македонско државјанство, а имаат желба и копнеж да играат за Македонија.

Македонската кошаркарска федерација се надева дека во иднина повеќе нема да има случаи на одбивање на бранење на националните бои кои за сите треба да бидат гордост, предизвик и нешто свето, а не обврска и товар.

Раководството на федерацијата во целост ја поддржува пријавата на селекторот и го разбира неговото незадоволство од ненавременото и неоправданото откажување на играчот и воедно во целост ја поддржува самостојната одлука на Дисциплинската комисија.