20.11.2018

МКФ организатор на Европско првенство (дивизија Б) за јуниорки во 2019 година!

Македонската кошаркарска федерација повторно ја доби довербата на меѓународната кошаркарска федерација – ФИБА за организација на уште едно европско првенство. Идната календарска година, 2019, во главниот град на Република Македонија МКФ ќе го организира Европското првенство, дивизија Б, за кошаркарки до 18 години.

Синоќа, беше одржан состанок на централниот борд на ФИБА, во Вилниус, каде покрај системот за квалификации за Европското првенство за жени кое се наоѓа на календарот во 2021 година, се одлучуваше и за организирање на сите младински првенства, во сите дивизии.

Македонската кошаркарска федерација, ги пријави националните селекции до 16 години (машки и женски), до 18 години (машки и женски) како и машката младинска селекција до 20 години за учество на Европските првенства во соодветните дивизии.

Беспрекорната организација на првенства, и покрај зголемените критериуми во последните неколку години, зад која стои повеќегодишно искуство е причината поради која МКФ одново ќе биде домаќин на најмалку 20 репрезентации од Европа. Со шансата повторно да се организира првенство во Македонија, ФИБА ја потврдува одличната соработка со МКФ.