Македонската кошаркарска федерација вечерва ги додели признанијата на најдобрите во кошарката за годината што изминува. 

Свеченоста започна со признанието за најдобра млада кошаркарка, а замина во рацете на Илина Селцова. младата кошаркарка во моментот го носи дресот на унгарски Ратгебер, а во тековната година настапуваше во националниот дрес на репрезентациите до 16 и до 18 години како и за сениорската репрезентација на Македонија. Наградата за најдобар млад кошаркар замина во рацете на Виктор Ефремовски кој ги брани боите на Работнички, тимот со кој тој ја освои титулата во домашното првенство во сениорската конкуренција како и во конкуренцијата до 20 години. Екипата на Работнички освои две признанија, за најдобар тим во сениорска и во младинска конкуренција. Кај дамите наградата за сениорска екипа замина во рацете на Бадел 1862 додека во младинските категории признанието го доби Струга 2009. Најдобар тренер за младински тим во женска категорија трета година во низа замина во рацете на Анета Глигорова, Александар Јованчев го освои признанието во машката. Тој заедно со националниот тим до 16 години доби признание за најуспешна репрезентација откако на Европското првенство, дивизија Б, изминатото лето го освои третото место и ја однесе Македонија во кадетска А дивизија. Игор Митровски својата 24 сезона како арбитер ќе ја запамети по уште едно признание за најдобар кошаркарски судија. 

Признанието за најдобра македонска кошаркарка замина во рацете на капитенот на сениорската репрезентација, Анџелика Митрашиновиќ додека во машка конкуренција МКФ одлучи да ги награди капитенот Војдан Стојановски и Бојан Трајковски.

„Би сакал да им честитам на сите што се закитија со наградите од МКФ. Истовремено да посочам и на оние што не се најдоа да веруваат во себе, за наредната година да се најдат тука. Тоа го покажа нашиот млад тим М16, кој беше аутсајдер. Никој не веруваше во нив, но како што видовте, тие се вратија како јунаци и влегоа во А-дивизија, која донесе гордост за нас. Верувам дека во иднина многу ќе станат и сениори. Исто така, позитивни резултати имаше и А-селекцијата, по оној мал пад пред две години. Пак се враќаме на старите стази. Имаме поддршка од јавноста. Се надевам дека кошаркарите водени од Давитков ќе дојдат до ЕП и ќе бидат онаму каде сакаме сите да ги видиме. Се надевам дека во наредната година сите ќе имаме поуспешна работа и уште поуспешни резултати“  - потенцира Претседателот на МКФ, Петар Наумоски по доделувањето на сите признанија.

Македонската кошаркарска федерација им честита на сите добитници на признанија за најдобри за 2018 година и воедно да им посака што поуспешна 2019 година!