Националниот телевизиски сервис на Република Македонија, Македонската радио телевизија (МРТ) ќе го пренесува во живо на првиот програм клучниот натпревар кој сениорите ќе го одиграат претстојниот четврток.

Раководството на Македонската кошаркарска федерација ги откупи ексклузивните права кои ги поседува Романската телевизија „Диги Спорт“ и ги предаде на медиумскиот партнер со кого ја обнови соработката во ноември минатата календарска година.

И покрај задолжителниот пренос на YouTube каналот на ФИБА (livestream) за учесниците во втората рунда од претквалификации, МКФ одлучи натпреварот кој е од исклучителна важност за понатамошниот пласман на репрезентацијата да се емитува на македонска телевизија.

Сениорите ќе излезат на теренот во Плоешти в четврток (21. февруари) и во 17:00 часот ќе го одиграат последниот натпревар од оваа рунда на претквалификации. Триумф, или пораз до 14 поени кош-разлика, е потребен за пласман на сениорите во квалификациите за следниот континентален собир, предвидено да се одигра за две години, во 2021 година.