МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар односно Работнички – Блокотехна се двојките кои почнувајќи од недела ќе ја започнат ’војната’ наречена прволигашки плејоф. Четирите клуба ќе се надигруваат во полуфинални дуели по систем подобар од пет натпревари (прв до три победи), а потоа поуспешните два клуба ќе ја продолжат битката во финалето од плејофот.
Натпреварите е предвидено да се одигруваат во деновите вторник-петок-недела.

МЗТ Скопје Аеродром со осум победи и два пораза во Супер лигата се стационира на првата позиција на табелата со 55 вкупен број на бодови (Супер лига + Прва лига). Второто место му припадна на прворангираниот во регуларниот тек на сезоната (2018/2019) Работнички кој додаде шест победи и четири пораза на своето конто во Супер лигата за конечни 54 бода.

Блокотехна втора сезона по ред ќе учествува во полуфиналето од Плејофот како треторангиран тим на табелата. Во рамки на Супер лигата клубот од Негорски Бањи запиша седум победи и три пораза низ десетте одиграни кола од Супер лигата за севкупни 52 бода. Идентичен скор има и последниот учесник во полуфиналето – тимот на Гостивар и еден бод помалку (51).

Тимовите на Кожув и на Куманово тековната натпреварувачка сезона ја завршија како петто односно шесто пласирани со по една победа во супер лигата и девет порази за 42 односно 41 бод.
ТАБЕЛА СУПЕР ЛИГА 2018/2019

Од Плејаут лигата пак, за опстанок во прволигашката конкуренција се изборија Фени Индустри, Пелистер, Вардар и АВ Охрид. Шкупи, кој оваа натпреварувачка сезона не запиша ниту еден триумф и се стационира на дното на табелата, ќе игра против поразениот во финалето од Плејофот во Втората лига (бараж-систем) за опстанок во првата лига додека победникот во оваа конкуренција (втора лига) идната натпреварувачка сезона ќе се натпреварува во првата лига.

ТАБЕЛА ПЛЕЈАУТ ЛИГА 2018/2019