12.10.2019

Десет клуба ја започнуваат трката до титулата во ПЛМ

Во натпреварувачката сезона 2019/2020 во Првата лига во машка сениорска конкуренција учеството го потврдија десет клуба од нашата република – осум кои го преживеаја ’пеколот’ од минатата сезона и два клуба кои успеаја да се искачат еден степен повисоко од Втората лига.

Првото коло од натпреварувачката сезона започнува денеска, една седмица подоцна од предвиденото. На распоредот има пет дуела, а првото натпреварувачко коло ќе биде заокружено в среда.

Вардар – Еуроникел 2005 е првиот дуел на денешната агенда. Кошаркарите на Вардар минатата натпреварувачка сезона успеаја да обезбедат пласман во елитното прволигашко друштво, а за претстојната сезона амбициите се сигурно повисоки. Ростерот на „црвено-црните“ е исполнет со млади талентирани играчи кај кои преовладува желбата а докажување на способностите пред своите постари колеги. Нивниот противник во првото коло е Еуро Никел 2005, поранешен Фени Индустри. Кавадарчани се предводени од Горан Самарџиев кој го рпезема кормилото на клубот кон крајот на минатата сезона откако стави точка на својата кариера како играч. Дуелот е закажан за денеска (12.10.2019) со почеток во 17:30 во салата на КК Вардар во Скопје.

МЗТ Скопје Аеродром ја освои седмата шампионска титула минатата натпреварувачка сезона  и притисокот за одбрана на истата оваа сезона е врз нив. Популарните „металци“ од скопската општина Аеродром ќе ја започнат одбраната на титулата во Гевгелија на гости кај амбициозниот Кожув кој се уште ја нема запишано титулата ’државен првак’ до своето име. Натпреварот во спортската сала „26 април“ ќе започне во 18:00 часот.

Новајлијата во прволигашката конкуренција, Академија ФМП првиот дуел во историјата на своето постоење ќе го одигра на гостински терен во Гостивар. Искуството е на страната на домаќините на овој натпревар, но желбата да се започне новата натпреварувачка сезона со триумф е присутна кај сите учесници во првенството. Судиите ќе ја потфрлат топката на овој натпревар во 18:00 часот.

Последниот дуел за саботната агенда од првото натпреварувачко коло е помеѓу екипите на Куманово 2009 и Пелистер. Станува збор за два клуба кои успеале да се пласираат во финалето на разигрувањето за шампионската титула, но сепак не го кренале трофејот од домашното првенство. Овој дуел е закажан за во 18:30, во спортската сала „Перо Наков“ во Куманово.

Првото коло ќе го заокружат Работнички и МЗТ Скопје УНИ БАНКА. Нашиот најтрофеен колектив кога станува збор за спортот со портокаловата топка ќе се надигрува со вториот тим на МЗТ Скопје Аеродром кој минатата натпреварувачка сезона ја освои шампионската титула во Втората лига и обезбеди пласман во Првата лига. Дуелот е закажан за в среда со почеток во 18:00 часот.