Како основец во својата родна Струмица, учеше за Љубљана како главно место во тогашната Југославија. Веројатно не се ни надеваше, не претпоставуваше дела словенечката метропола ќе биде неговиот дом. Кога пред 18. години го пречекори прагот на славниот „Тиволи“, не ни помислуваше дека тука и ќе остане.

Да, ја пропатува цела Европа, но остана со префиксот љубљанчанец.

Играше и за Олимпија, играше и за Цедевита, но ете дојдоа такви времиња, овие два клуба од Словенија односно од Хрватска да бидат „споени“ во еден – Олимпија Цедевита.

Владо Илиевски е „тука некаде“, повторно е во главниот град на Словенија, но сега како претседател на Илирија. Словенечки второлигаш кој стана стратешки партнер на Цедевита Олимпија.   

„Сакав да бидам тренер. И во оние последни сезони од играчката кариера, бев продолжената рака на тренерите на тимовите каде играв. Но овие моменти кои се сега во кошарката ме тргнаа од таа идеја. Но сакав да останам во кошарката, а предизвикот го пронајдов во Илирија. Тоа беше повик кој не можев да го одбијам. Клубот не беше во добра состојба, и сеуште е така, И сега имаме некои долгувања, но не го загрозуваат опстанокот на Илирија. Се трудиме клубот да го поставиме на здрави темели. Сите сме ставени во служба на колективот. Искрено, уживам во работата, за мене нема ништо поубаво во спортот да помагаш на некои нови генерации на играчи. Растеме заедно со нив и со тренери. Работам со вистински луѓе, со вистински ентузијасти“- вели Илиевски во разговорот за „Сиол.нет“.

 „Спојот“ со Цедевита Олимпија е одличен почеток?

„Тоа би требало да биде вистинската насока. Сме на добар пат во тоа наше ‘спојување’, односно да ја имаме Олимпија како стратешки партнер. Оваа сезона ни го позајмија 17.годишниот Алеш Маловчич, кој е наш прв стрелец и скока, како и Петар Вујачиќ, со кој исто така добивме многу. Целта е од играчите кои ги бранат боите на нашиот клуб се вратат кај ‘змаевите’ како подобри играчи. Секако ние работиме со нашиот младински погон и развиваме свои играчи.

Но, според мене, клучно е да пронајдеме долгогодишен генерален покровител, кој ќе се најде себеси во овој наш проект. Знам дека битката за секој денар е голема, тешка, особено во вака голема конкуренција која владее на овие простори“- дополнува нашиот ас, кој не остана запрашан за она што го направил во својата славна кариера, н е само клупска туку и репрезентативна.

 На што најмногу се гордеете во својата кариера?

„Фактот дека како дете од мал македонски град сонував за кариера како врвен спортист, што на крајот и успеав. Осцилирав помеѓу неколку спортови. Првата љубов беше фудбалот. Но, кога се најдов во кошарката, немаше враќање назад. Јас потекнувам од земја на која не дала многу спортски великани. Спортскиот простор е мал. Ме прави горд целото тоа ‘патување’“- ќе сублимира Владо.


Дури и на националниот тим. Во 2011 година застанавте со македонската репрезентација веднаш по искачувањето на подиумот на Европското првенство, односно својувањето на четвртото место. Ретко кога гледаме индивидуа која би се предала толку целосно на проектот, како што беше случајот во тоа време?

„Тоа се убави спомени. Посебна приказна. Доказ дека дури и малата Македонија, на која никој не сметал, може да успее. Тешко ми е да најдам зборови за да опишам што чувствував тогаш, и како Македонците нè прифаќаа. Но, тоа не се случи преку ноќ. Таа репрезентација растеше веќе една деценија. Последното парче во мозаикот беше Бо Мекејлеб. Нешто како шест години подоцна за Словенија со Ентони Рендолф. Само жалам што нашата приказна не продолжи и се развиваше уште повеќе. Имавме и несреќни моменти. Зборувам за Евробаскетот 2013 година, каде загубивме од Црна Гора во првиот натпревар од групата во Јесенице, И тоа откако судијата го занемари играњето на мрежичката на еден противнички играч. Ако го добиевме тој натпревар, првенството за нас можеше да тргне во друга, многу попозитивна насока. Доказ за нашиот квалитет беше нашата победа против Србија со Теодосиќ, Богдановиќ и другите одлични кошаркари во тој тим“.

 

СЛОВЕНИЈА Е СРЕЌНА ШТО ГО ИМА ДОНЧИЌ

Кога како 20 годишен кошаркар се калеше играјќи за великан каков што е белградски Партизан, денеска Илиевски не останува рамнодушен за она што го прикажува еден така млад кошаркар на исто толкава возраст. И Владо Илиевски е еден од оние кои се импресионирани со игрите на Лука Дончиќ.

„Словенија треба да биде среќна што го има. Тој е еден од оние ретките, и со кој Словенија може да се искачи и на светскиот подиум“- смета легендарниот струмичанец.