28.11.2019

Кадетите на предновогодишни проверки во Романија

На покана на Романската кошаркарска федерација, во периодот од 19. до 22. декември, машката кадетска селекција, или играчи „под 16“ години, ќе учествува на интернационален турнир предвиден да се игра во Таргу Џиу.

Селекцијата која во изминатиот период ја предводи тренерот Андреј Апостолски ќе има можност пред крајот на оваа календарска година да одигра уште три меѓународни натпревари - први на патот кон она што следува во текот на летото, настап на Европското првенство од Дивизијата „А“, кое ќе се одржи во Скопје од 14. до 22. август, 2020 година.

Според најавената агенда на романската федерација, во оние три работни денови, нашиот национален тим „под 16“ ќе ги одмери силите со селекцијата домаќин, но и оние на Бугарија односно Израел, чие учество официјално се уште не е потврдено.

Претходно, оваа селекција која е дел од проектот „заедно до М16“, во септември, одигра неколку контролни натпревари на домашен терен во Скопје. Оствари победи во дуелите со селекциите на Бугарија, Романија и Косово, а загуби минимално против селекцијата на Турција.