Четири спортски федерации меѓу кои и Македонската кошаркарска федерација денес ставија потпис на нов договор за соработка со Агенцијата за млади и спорт за наменски донации согласно новиот закон.

Македонската кошаркарска федерација, идентично како и Фудбалската федерација на Македонија ќе добијат четири милиони денари наменски донации. Ракометната федерација ќе добие 5,2 милиони денари додека додека Карате федерацијата ќе добие 1,5 милиони денари.

„Со новите измени во законот, Агенцијата за млади и спорт доби нов стабилен извор на финансии и овие средства се проследуваат кон спортските федерации во Република Македонија. Досега, на 50 федерации се трансферирани 91 милион денари или речиси 1,5 милиони евра. Само по себе тоа кажува дека буџетот на АМС е трикратно зголемен. Верувам дека сè ќе се валоризира преку големи спортски успеси. Средствата се донирани за организација на меѓународни натпревари во Република Македонија како и за помош на националните селекции кои ќе настапуваат надвор од државата. Од сите средства кои се наменети конкретно за македонската кошаркарска федерација, два милиона ќе бидат одделени за сениорскиот национален тим кој ќе се натпреварува на претквалификациите за СП 2019, за организација на Европското првенство за девојки до 16 години како и за настапот на селекцијата до 20 години на ЕП Дивизија Б што ќе се одржи во Романија. По потпишувањето на овие договори, во најскор можен рок средствата ќе бидат трансферирани до федерациите“ – истакна Марјан Спасески, директорот на АМС при потпишувањето на договорите.

Претставниците на спортските федерации кои денес ги потпишаа договорите и се заблагодарија на Агенцијата за Млади и Спорт ветувајќи спортски успеси со кои ќе се оправдаат средствата.