25.12.2019

 КФСМ ГИ ПРОГЛАСИ НАЈДОБРИТЕ ЗА 2019 ГОДИНА, Ненад Димитријевиќ прв во изборот: Чест ми е да бидам  наследник на браќата Стојановски!

На посебна церемонија организирана во хотелот „Double Tree by Hilton“во Скопје, вечерва Кошаркарската федерација на С.Македонија ги прогласи најдобрите во кошаркарскиот спорт кај нас за 2019 година.

 

Би се рекло веќе традиционално, КФСМ подели награди во повеќе категории.

Онаа главната, отиде во рацете на веројатно и најталентираниот млад македонски кошаркар – Ненад Димитријевиќ.

Со оглед на тоа дека има актуелни обврски спрема клубот за кој настапува, Хувентуд, популарниот Нено ги поздрави присутните со една видео-порака од Бадалона.

„Ви благодарам за наградата. Навистина ми значи да го добијам признанието од мојата држава за она за кое живеам, за кошарката. И благодарам на Кошаркарската федерација за номинацијата. И чест ми е да бидам наследник на браќата Стојановски“- порача најдобриот кошаркар на Македонија за 2019 година.      

А веројатно веќе во февруари, друштво на тренинг на нашиот сениорски национален тим ќе му прави уште еден, и тоа како перспективен кошаркар.

Андреј Јакимовски, кој го доби признанието за најдобар млад кошаркар за годината која заминува.

Заедно со Илина Селцова, која ја доби наградата за најдобра млада кошаркарка, момчето од Крива Паланка се изборот за најперспективни македонски кошаркари.

Во оној женски сегмент на најдобрите, како најдобра кошаркарка за оваа година беше прогласена Александра Стојановска, актуелна репрезентативка на нашата земја, и играч на албанскиот Фљамуртари.

Веројатно и повеќе од оправдано, МЗТ Скопје Аеродром е нашиот најдобар машки кошаркарски колектив за 2019 година. Клубот од Аеродром носи дома дури четири признанија. Освен што се најдобри во сениорска односно во младинска категорија, МЗТ Скопје Аеродром ги има и најдобрите тренери, Ѓорѓи Кочов во сениорска, а Горан Крстевски во младинска конкуренција.

Вардар пак е најуспешниот женски колектив, особено ако се земе в предвид дека го имаат најдобриот тим кај сениорките, но и најдобриот тренер, Жаклина Стојановска.

Бадел 1862 може да се пофали дека е најдобриот клуб во женска младинска конкуренција, додека пак актуелниот предводник на нашиот женски национален сениорски тим, Владимир Ѓоровиќ, е добитник на наградата тренер на годината во женска младинска конкуренција.

Веројатно го доби најголемото признание кое некогаш некоја македонски тренер го добил во текот на својата кариера.

И не е мала работа, да бидеш одбран како најдобар тренер во една од најсилните лиги кои во овој момент постојат на Стариот континент – ВТБ лигата.

А сега и во Македонија, каде вечерва, од страна на федерацијата ја доби наградата за најдобар македонски тренер кој работи во странство.

„Добра вечер на сите. Би сакал да се заблагодарам на македонската кошаркарска федерација за наградата која ми е доделена. Да ги поздравам сите присутни и наградените во другите категории. На сите таму да Ви ги честитам Новогодишните и Божиќните празници, а на нашата репрезентација во февруарскиот квалификациски циклус - две победи. Поздрав од Казахстан, се гледаме во мај“- порача од далечната земја, нашиот тренерски репрезент.

 

А својата судиска „доминација“ ја продолжи Александар Милојевиќ. Стигна до уште една статуетка која ја доделува нашата федерација како најдобар арбитар.

Една таква, со огромен аплауз, лично од претседателот Перо Антиќ, примија и претставниците на Специјалната Олимпијада на Македонија.

Организација која во своето седумнаесет годишно постоење, континуирано работи на инклузија на лицата со попреченост во сите сфери на општеството преку најразлични спортски активности. Една од нив е секако кошарката.

А во оваа кошаркарска вечер, посебно признание доби КК „Водњански лисици“ од Скопје, кој слави јубилеј - 25 години од постоењето, но и машката репрезентација составена од играчи „Под 16“ години.

За машки одработената задача на ЕП од Дивизијта „А“ кое летоска се одржа во Италија. Беа во улога на дебитанти, но на крајот ја реализираа примарната цел. Се пласираа на 12. место на ЕП од Дивизијата „А“, со обезбедена виза за наредниот шампионат во оваа возрасна категорија.

Аманет на следната генерација на млади кошаркари, играчи родени 2004 година и помлади, оставија Давид Трпески, Резарт Мемед, Теодор Симиќ, Теон Богатиновски, Андреј Митревски, Амар Хот, Мирослав Ѓорѓевиќ, Павел Атанасов, Горазд Величковски, Филип Наков, Марин Петков, и Никола Василевски, но и од тренерите Денис Дервишевиќ, Влатко Неделковски...

ПОСЕБНИ БЛАГОДАРНИЦИ

Од нашата федерација не ги забораваат ниту оние кои практично се постојана поткрепа на работењето. Секој на свој начин помага во реализација на големиот број на планирани активности.

Затоа со посебни благодарници, КФСМ им се заблагодари и на:

Македонски Олимписки комитет, Агенција за Млади и Спорт, А.Д. Мепсо, Државна Видеолотарија на Македонија, ЕВН Македонија, Кодинг горска, Триглав Осигурување АД, Витаминка, ОКТА, ПЗУ Жан Митрев, Прилепска Пиварница, Hertz, Градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, ЈСП – Скопје, Противпожарен сојуз на Македонија, Македонска радио телевизија, здружението 3Х3.

НАЈДОБРИТЕ ВО 2019 ГОДИНА ВО ИЗБОРОТ НА КФСМ

Бадел 1862 – НАЈДОБРА ЖЕНСКА МЛАДИНСКА ЕКИПА ЗА 2019 ГОДИНА

МЗТ Скопје Аеродром - НАЈДОБРА МАШКА ЕКИПА ЗА 2019 ГОДИНА (МЛАДИНСКИ ЛИГИ)

Владимир Ѓоровиќ – НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО ЖЕНСКА МЛАДИНСКА ЕКИПА ЗА 2019 ГОДИНА

Горан Крстевски – НАЈДОБАР ТРЕНЕР ЗА 2019 ГОДИНА НА МАШКА ЕКИПА (МЛАДИНСКИ ЛИГИ)

Илина Селцова – НАЈДОБРА МЛАДА КОШАРКАРКА ЗА 2019 ГОДИНА

Андреј Јакимовски – НАЈДОБAР МЛАД КОШАРКАР ЗА 2019 ГОДИНА

Александар Милојевиќ – НАЈДОБАР СУДИЈА ЗА 2019 ГОДИНА

ЖКК Вардар – НАЈДОБРА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО СЕНИОРСКИ ЛИГИ ЗА 2019 ГОДИНА

МЗТ Скопје Аеродром - НАЈДОБРА МАШКА ЕКИПА ЗА 2019 ГОДИНА (СЕНИОРСКИ ЛИГИ)

Жаклина Стојановска – НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО ЖЕНСКА СЕНИОРСКА ЕКИПА ЗА 2019 ГОДИНА

Ѓорѓи Кочов – НАЈДОБАР ТРЕНЕР ЗА 2019 ГОДИНА НА МАШКА ЕКИПА

Емил Рајковиќ – НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ ТРЕНЕР ЗА 2019 ГОДИНА ВО СТРАНСТВО

Александра Стојановска – НАЈДОБРА КОШАРКАРКА ЗА 2019 ГОДИНА

Ненад Димитријевиќ – НАЈДОБАР МАКЕДОНСКИ КОШАРКАР ЗА 2019 ГОДИНА

Селекција – мажи „Под 16“ години: НАЈУСПЕШНА МЛАДИНСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА 2019 ГОДИНА