26.12.2020

Еуро Никел 2005 излезе лесно на крајот против ослабениот состав на Вардар (94:68)

10. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Кавадарчани како „дома“ во Скопје, го победија и Вардар

 

Она што го најавуваа, кошаркаеите на Еуро Никел 2005 и го реализираа на гостувањето „Под Кале“ и дуелот со екипата на Вардар.

Кавадарчани воспоставија резултатска предност уште во првите минути од натпреварот. Брзо дојдоа и до двоцифрена предност, која до крајот на играта само ја зголемуваа.

На истекот на 40.минути, тимот кој го предводи тренерот Горан Самарџиев стигна до планираните бодови.  

ВАРДАР – ЕУРО НИКЕЛ 2005    68:94

Силно митивирани во овој меч влегоа кошаркарите на Вардар, особено по оној прв успех во сезоната, победата над екипата на Црн Дрим Грин мобиле.

Од друга страна кавадарчани како да се одомаќија во Скопје. За нив ова беше четврто гостување во главниот град од почетокот на сезоната.

Но за разлика од претходните натпревари, на овој, стручниот штаб на „црвено-црните“ не можеше да смета на странските кошаркари кои добија „одмор“ за католичкиот Божиќ, што работата за успех на овој меч им ја направи многу, многу потешка.

Уште во првата четвртина, односно осум минути од играта, преку Мијатовиќ, Казарновски и Влаховиќ, Еуро Никел 2005 направи солидна предност од (22:14), која беше слична и на истекот на првиот период, (25:18).

Имаа кавадарчани и плус 12 (34:22) по две и пол минути игра од втората четвртина, нешто потоа и (37:25), по тројката на расположениот Казарновски. За највисокото водство на гостите да им го донесе Милков (39:25).

До крајот на полувремето Казарновски нанижа 15.поени, а Еуро Никел 2005 а сочува двоцифрената предност (46:36).

На другата страна, со 11.реализации му парираше Лефкоски.

Сите дилеми околу победникот гостите од Кавадарци ги симнаа на почетокот на последниот дел од играта.

По релативно изедначената трета четвртина (18:16), Еуро Никел 2005 стартуваше со (21-5) во последната, за недостижно водство од (85:57).

И трет триумф од овие четири „скопски гостувања“. Доволно за скор (4-2) во оваа фаза од шампионатот, односно шест одиграни натпревари.

Вардар останува на таа една победа, во исто така, шест одиграни мечеви во Првата лига.