27.12.2020

По 10 некомплетни кола, екипата на Пелистер е единствената со макси ефект

10. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер е прв, со право - за првпат го победи Работнички во Скопје!

Екипата на Пелистер е најдобрата во Македонија во овој прв дел од сезоната, макар и некомплетен, со половина од бројот на одиграните мечеви во десет одиграни кола.

Го докажаа тоа момците кои од клупата ги предводи тренерот Марјан Илиевски таму каде што треба. Во Скопје, против најтрофејниот македонски кошаркарски колектив и единствениот тим покрај нив, кој до ова официјално, десетто одиграно коло, беше без пораз.

Беа убедливи, дури и повеќе од тоа против Работнички, за беспрекорни „шест од шест“.

И петта „стотка“ во шест одиграни натпревари досега...

РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР        81:105

Одлична прва четвртина одиграа кошаркарите од Битола. Предводени од Бојан Трајковски, кој евидентно, беше посебно мотивиран за игра, и неговите 12 поени, за 10 минути „битолчани“ направија двојно поголема предност.

Имаа водство од (34:17) со кое најавија дека се подготвени да ја продолжат победничката серија и против екипата која исто така има максимален ефект, макар со еден помалку одигран натпревар во досегашниот дел од првенството.

Трајковски беше во центарот на вниманието и во вториот период. По неговата трета тројка (од исто толку обиди), Пелистер се одвои и на (41:23).

А кога репрезентативното крило погоди уште еднаш од истата позиција, во 15. минута, Пелистер повторно имаше двојно повеќе дадени отколку примени поени (46:23).

Во тој стил гостите го финишираа тоа феноменално прво полувреме. Ја задржаа таа позитива од 23.поени (59:36).

Креирана со висок процент на реализација од скоро, па неверојатни 71% во обидите вредни по три поени (5/7), нешто пониска за два поени 61%. Со добра распределба на поените на стартерите, но и уште десет поени кои дојдоа како помош од клупата за резерви.

На другата, 20 минути во кои во домашната страна, Балмазовиќ реализираше двоцифрен број на поени – 12, Вашингтон даде 9, а Враговиќ уште осум поени.

Но „црвено-белите“ беа натскокани, противникот имаше и многу поголме број на успешни додавања, што беше и евидентирано во резултатот од првото полувреме.

Во продолжението, „зелено-белите“ продолжија да го полнат кошот на протовникот. Стигнаа и до предност од (74:47), по што некако се опуштија.  

Со серијата од (11-0) за нецели три минути, Работнички го искористи тоа опуштање на „битолчани“, па успеа да симне добар дел од огромната негатива. Се доближија „центарци“ на (58:74) по 29.минути од играта, но со пет поени по ред, лидерот ја врати резултатската „нормала“ во дербито (79:58). По седмиот поен во четвртината на Малешевиќ, разликата одново беше „стандадна“ (93:70) и недостижна за екипата-домаќин. 

По петти пат, во шест мечеви, „битолчани“ отидоа преку бројката од сто поени, што доволно говори за прикажаното во овој дел од сезоната во Првата лига

Дерби натпревар во кој издоминира Трајковски со 26 поени, а двоцифрен број на поени во екипата-победник имаа и другите од првата петорка. Од нив Малешевиќ даде 20, Кесар имаше 12, а Калахан уште десет поени. Со „ефектот плус“, на Вилијамс од 16 поени и премногу за противникот во чии редови Балмазовиќ дотурка до 32 поени, Питс и Вашингтон имаа уште по 14 кај Работнички кој го запиша првиот неуспех во пет одиграни натпревари.

ФОТО: Димитар Петковски

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 10. КОЛО

Работнички – Пелистер  81:105
МЗТ Скопје Уни Банка – Академија ФМП   88:77
Вардар – Еуро Никел 2005        68:94
ТФТ – Гостивар      81:73
МЗТ Скопје Аеродром – Црн Дрим Грин мобиле 104:67

ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР

Кожув - Куманово 2009

ТАБЕЛА: Пелистер 12 (-4), Академија ФМП 11 (-3), Еуро Никел 2005 10 (-4), ТФТ 10 (-4), Гостивар 9 (-4), Работнички 9 (-5), Куманово 8 (-5), Црн Дрим Грин мобиле 8 (-3), Вардар 7 (-4), МЗТ Скопје Аеродром 6 (-6), МЗТ Скопје Уни Банка 6 (-5), Кожув 3 (-7)