За прв пат во оваа сезона, саботната програма предвидува пет натпревари. И она што е особено забележливо, 10. коло од Првата лига носи пет дуели во Скопје.
Од тоа два од нив ќе се играат во Спортскиот центар „Јане Сандански“, „базата“ на екипите на МЗТ Скопје Аеродром и МЗТ Скопје Уни Банка.
Колото ќе го отвори дуелот помеѓу екипите на МЗТ Скопје Уни Банка и Академија ФМП.
15.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Академија ФМП
По доста долго време, кошаркарите на МЗТ Скопје Уни Банка ќе истрчаат на паркетот за да одиграат еден првенствен натпревар. Ќе го сторат тоа вечерва избраниците на тренерот Борче Даскаловски во дуелот со екипата на Академија ФМП.
Екипа зад која е пораз на домашен терен од несовладливиот Пелистер коај донесe прекин нa три успешно одиграни мечеви. Па дуелот со „филијалата“ на МЗТ Скопје ќе биде добра прилика за „пантерите“ да им се вратат на победите.
„Одигравме добро на последниот меч. Но гостите од Битола ги искористија своите предности. Имаат квалитет, ние дадовме некој свој максимум, кој за жал не беше доволен за успех. Се надевам дека можеме да одиграме и уште подобро против МЗТ Скопје Уни Банка. Имаме некоја предност во однос на нив, со оглед на тоа дека одигравме некои првенствени натпревари и сме во некоја натпреварувачка форма. Треба да го искористиме тоа во обидот да дојдеме до триумфот пред паузата во првенството“ – посакува еден од најмладите во тимот од Кисела Вода, Лука Петровски.
17.00: Вардар – Еуро Никел 2005
По премиерната победа, онаа над Црн Дрим, кошаркарите на Вардар посакуваат уште една, против Еуро Никел 2005.
Екипа која во овој прв дел од првенството како да е претплатена да гостува во главниот град.
По четвртти пат по ред кавадарчани имаат меч во Скопје. Сега во малата сала на СРЦ „Кале“.
„За кратко време, по четвртти пат, имаме гостување во Скопје, сега против екипата на Вардар. За нас нема разлика против кого играме. Ниту една екипа во првенството не ја потценуваме, па ни Вардар. Мечот во ‘Кале’ го сфаќаме крајно сериозно, и влегуваме максимално. Со добра одбрана, секој од нас треба да си ја заврши својата задача. Така ќе бидеме поблиску до посакуван успех. Ова е последен меч во годината, и би сакал да ја оставиме зад себе оваа 2020, со победа. Вардар е млада екипа и не смее да се потценува. Затоа од нас се бара да бидеме максимално сконцентрирани. И верувам дека на крајот се ќе се заврши онака како што ние и посакуваме“- порачува еден од најискусните во овој ростер на Еуро Никел 2005, Никола Караколев.
18.00: ТФТ – Гостивар
Екипата на ТФТ покрај онаа на Куманово 2009, е една од двете која во досегашниот дел од сезоната имаат најголем број на одиграни натпревари. Секако во таа констатација влегуваат и оние осум одиграни мечеви во рамките на Балканската лига, што ќе каже дека „црно-белите“ и се во еден полн натпреварувачки моментум, доста значаен во однос на ривалите кои, поради низа на околности не ја имаа(т) таа прилика.
„Во натпревар што може да биде последен за нас во оваа календарска година, гостин ни е екипата на Гостивар. Во моментов сме во пад на резултатите со пет порази во серија. Четири на гости и драматичен пораз од Академик дома, четири во рамките на БИБЛ-лигата. Но лично сметам дека тимот полека се враќа во ритам и дека го надминавме заморот (над 4000 поминати километри) во последните дваесетина дена. Очекувам добра игра и зголемено ниво на агресија. Ми се чини дека имаме што да кажеме, иако улогата на фаворит ја оставаме на гостинскиот тим. Ако успееме да парираме дефанзивно, и да го задржиме противникот под 80 поени, мислам дека на крајот можеме да изненадиме. Ја користам оваа можност да им честитам Божиќ на сите верници од католичка вероисповед, имаме многу од нив во нашиот тим“- анализира и честита Боро Смилковски, тренерот на екипата од Тафталиџе.
Ивица Димчевски вели дека токму тоа е предност на нивниот вечерашен ривал.
„Мислам дека се во предност во однос на нас, затоа што се во натпреварувачки ритам. Нам ни недостасуваат натпревари, но знаеме од каде доаѓа најголема опасност. Се надевам дека нема да им дозволиме да развијат нивен ритам. И дека со една борбена игра ќе излеземе како победници, и да ја завршиме годинава со победа“- посакува пред овој натпревар бекот на гостиварци.
19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Црн Дрим Грин мобиле
МЗТ Скопје Аеродром е домаќин во средбата против Црн Дрим Грин мобиле, која стартува од 19.часот. „Аеродромци“ не сакаат уште еден кикс на домашен терен, како оној пред извесно време против екипата на Еуро Никел 2005.
„Нè очекува дебитантот во Првата македонска лига. Во претходното коло имавме кикс на домашен терен, и ако сакаме да оствариме победа против екипата на Црн Дрим, мора да ги поправиме грешките од претходниот натпревар. Во прв ред, да ја подобриме енергијата и без потценување на противникот да одиграме добар натпревар“- вели пред вечерашниот натпревар, Андреј Магдевски.
За Перо Чочороски, тренерот на екипата од Струга, најважно е неговиот тим да одигра еден добар натпревар во Аеродром.
„Во изминатите натпревари покажавме дека можеме да играме со сите. На овој натпревар ќе играме колку што тоа противникот ќе ни даде. Мислам дека ќе одиграме добар меч во ‘Јане Сандански’. Кога се игра против еден ваков клуб, сметам дека дополнителна мотивација кај играчите не треба да биде проблем“.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 10. КОЛО
САБОТА:
15.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Академија ФМП (стрим)
17.00: Вардар – Еуро Никел 2005
18.00: ТФТ – Гостивар (стрим)
19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Црн Дрим Грин мобиле (стрим)
НЕДЕЛА:
17.00: Работнички – Пелистер (МРТ3)
ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР
Кожув - Куманово 2009