26.12.2020

МЗТ Скопје Аеродром без милост кон Црн Дрим Грин Мобиле (104:67)

10.КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Дваесетминутен потоп на стружани во Аеродром

Две одлични четвртини беа и повеќе од доволно за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го откажат прволигашот од Струга од било каква помисла за некое изненадување.

За 20.минути, „металците“ постигнаа рекордни во оваа сезона 67.поени, примија само 31, по што второто полувреме се претвори во една обична формалност.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ   104:67

Кога МЗТ Скопје Аеродром погодува со повеќе од 50% на успешност за три поени, малку се екипите кои може да му парираат на „сино-белиот“ тим, не само во македонската Прва лига.

Имаа популарните „металци“ едно феноменално шутерско издание, поточно прво полувреме. Или 20.минути во кои стигнаа до бројката од 67. реализирани поени против новиот прволигаш, кој едноставно не знаеше како да се одбрани од тоа.

Посебно расположени беа Магдевски, Стојановски и Гравет, кои дадоа 11, од оние 12 тројки на домашниот тим, кој на полувремето веќе беше далеку.

Водеше со неверојатни (67:31), за противникот и да не помисли дека може да изненади.

И на стружани им беше јасно дека второто полувреме ќе биде некој вид на тренинг, но се обидоа да ја сведат огромната негатива на поднослива. Успеаа во тоа во третиот период во кој „симнаа“12. поени од големиот минус. Но ништо повеќе од тоа...

Ќе мора да почекаат на некоја друга прилика, во Аеродром, тоа е исклучително тешко, скоро невозможно, кога вака ефикасно игра МЗТ Скопје. 

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 10. КОЛО

МЗТ Скопје Уни Банка – Академија ФМП   88:77

Вардар – Еуро Никел 2005        68:94

ТФТ – Гостивар      81:73

МЗТ Скопје Аеродром – Црн Дрим Грин мобиле 104:67

НЕДЕЛА:

17.00: Работнички – Пелистер (МРТ3)

ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР

Кожув - Куманово 2009