Последниот натпревар од 10. коло е и најзначајниот, најинтересниот, и веројатно носи најголема неизвесност од сите досега одиграни во нашата Прва лига.
Во СРЦ „Кале“ ќе се сретнат двете досега непоразени екипи во првенството. Работнички ќе го дочека забревтаниот состав на Пелистер. И само еден од нив ќе може да се пофали дека со право е на позицијата број 1 во елитната македонска конкуренција.
„Пелистерци“ имаат нешто повисок коефициент на успех, затоа што досега имаат реализирано пет победи во исто толку натпревари, за разлика од Работнички кој е непобеден во четири прволигашки натпревари.
17.00: РАБОТНИЧКИ - ПЕЛИСТЕР
За Димитар Мираковски ова е една специфина ситуација. Првиот тренер на Работнички потенцира дека негова главна цел во изминатиот период била да ги врати своите играчи во некоја форма потребна за одигрување на вака значајни натпревари. А дуелот на непоразените е еден од нив...
„Една специфицна ситуација годинава каде што може да имате седум натпревари за две недели, и ниту еден натпревар во рок од 40 дена. Главна цел по последната изолација и заболени, беше колку што може физички да ги вратиме кошаркарите. Натпреварувачка форма немаме, тоа е јасно. Меѓутоа очекувам да го задржиме интензитетот во целиот тек на натпреварот. Во спротивно ќе се соочиме со сериозни проблеми. Пелистер е екипа која што е квалитетно пополнета на сите позиции. Игра брза кошарка, со високи играчи што шутираат од надвор, и ги прави дополнително тешки за бранење. Уште еднаш ќе кажам, очекувам наш висок интензитет во текот на цел натпревар, што не беше случај на претходните“.
Игор Кесар е еден од најдобрите играчи на Пелистер во овој прв дел од првенството. Кои се неговите очекувања за денешниот дуел со Работнички во Скопје:
„Задоволен сум со моменталната ситуација во клубот, и како се одвиваат работите. Ситуацијата со короната не само кај нас, во лигата, туку воопшто во светот е таква каква што е. Се трудиме сите да останеме во форма, иако знаеме дека е доста тешко да се испрати овој период на натпревари кои се играат на два-три дена, скоро без тренинг. Моменталниот скор ни е 5-0. Во пет натпревари имаме пет победи. Но тоа не говори ништо. Се надевам дека на средбата со Работнички во недела, и онаа со ТФТ во среда, ќе продолжиме во исто темпо како и до сега. И се надевам дека, како да кажам, ќе ги оправдаме тие наши очекувања, односно тоа прво место на табелата“.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 10. КОЛО
НЕДЕЛА:
17.00: Работнички – Пелистер (МРТ3)
ПРЕТХОДНО ОДИГРАНИ НАТПРЕВАРИ
МЗТ Скопје Уни Банка – Академија ФМП 88:77
Вардар – Еуро Никел 2005 68:94
ТФТ – Гостивар 81:73
МЗТ Скопје Аеродром – Црн Дрим Грин мобиле 104:67
ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР
Кожув - Куманово 2009