Два натпревари се на денешната програма, од 18. часот се играат дуелите во Гостивар и во Кавадарци
18.00: ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ТФТ
Во Кавадарци вечерва гостува, според предводникот на Еуро Никел 2005 Горан Самарџиев, најпријатното изненадување во првиот дел од сезоната во Првата лига, екипата на ТФТ од Скопје.
„Играме против една екипа, која според мене, е најпријатно изненадување моментално во лигата. Ние ќе настапиме максимално мотивирани и желни за игра, бидејќи ние имавме пауза, за разлика од екипата на ТФТ која играше во Балканската лига, и е во натпреварувачки ритам. Сега ќе видиме дали е тоа предност или не. Ќе гледаме да го искористиме домашниот терен на најдобар можен начин, а тоа е победа. Никако не смееме да го потцениме противникот бидејќи е крајно квалитетен, и играат убава и атрактивна кошарка. Нека победи подобриот и здравје на сите“- гласи пораката на тренерот на кавадаречкиот прволигаш.
Од друга страна неговиот колега Боро Смилковски исто така дели само комплименти.
„Исклучително тежок натпревар против искусен противник кој што игра одлична кошарка во оваа прва фаза од првенството. Екипата на Еуро Никел е можеби и најискусната во нашето првенство. Станува збор за одличен колектив, составен од искусни играчи кои знаат како се победува. Одличен баланс помеѓу надворешната и внатрешната линија. Несомнено фаворит на денешнниот натпревар. На нас останува да пробаме да наметнеме наш стил на игра, со многу енергија, агресивност и трчање. Доколку бидеме коректни во одбраната и успееме да го диктираме темпото на натпреварот, можеби и може да изненадиме. Во секој случај, во Кавадарци одеме да го дадеме својот максимум“- вели Смилковски, кој веројатно не ќе може да смета на услугите на Американецот Хортон, чиј настап е ставен под знак на прашалник.
18.00: ГОСТИВАР - МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА
Големо внимание посветуваат во Гостивар на вечерашниот дуел со екипата на МЗТ Скопје Уни Банка. Малку поради последната лоша игра и пораз на гостински терен кај ТФТ, а и поради фактот дека младиот тим од Аерордом изненади, и ја запиша својата прва победа како прволигаш во дуелот со Академија ФМП.
Дополнителна неизвесност донесува и фактот дека во оваа првенствена пауза гостиварци направија мал играчи ремонт во оној странски дел од ростерот каде имаат двајца нови играчи на кои им треба целосна аклиматизација.
„Можеби важиме за фаворити, но тоа морме да го потврдиме на теренот. Факт е дека имавме малку време да се воиграме со новите играчи во тимот. Но сметам дека тие добро ги познаваат принципите како во нападот, така и во одбраната. И дека сме способни, дека сме квалитетни да ги реализираме поставените задачи во овие, за нас први 40.минути во новата година“ – вели Александар Костоски од кого се очекува можеби и најмногу во оваа календарска година.
Се разбира во оној организациски дел на играта која на последните мечеви беше под реномето кое гостиварци го стекнаа во изминатиот период.
Зад МЗТ Скопје Уни Банка пак е првиот првенствен триумф, оној против екиоата на Академија ФМП, кој им дава дополнителни мотиви на младите кошаркари кои од клупата ги предводи тренерот Борче Даскаловски.
„Долго време бевме блиску до тој, би го нарекол, подвиг. Односно победа која толку силно ја посакувавме во оваа, но и претходната прволигашка сезона. Видовме дека можеме да играме рамноправно со другите прволигашки екипи. И нашата цел е да не застанеме тука, напротив... Со дополниелни мотиви одиме во продолжението на првенството, и се надеваме дека нема да останеме на тој еден триумф“- се надева младиот репрезентативец во редовите на тимот од Аеродром, Андреј Андоноски.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 11.КОЛО
Академија ФМП – Работнички 75:69
Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром 88:85
ДЕНЕСКА:
18.00: Гостивар – МЗТ Скопје Уни Банка
18.00: Еуро Никел 2005 - ТФТ
НЕДЕЛА:
17.00: Црн Дрим Грин мобиле – Кожув
ПОНЕДЕЛНИК:
17.00: Куманово 2009 - Вардар