17.01.2021

Екипата од Гевгелија е единствената без победа во прволигашката конкуренција. Гостувањето во Струга е шанса за првата...

11. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Може ли Кожув до прв сезонски успех?

Неделната програма носи еден меч, оној во Струга, каде екипата на Црн Дрим Грин мобиле го пречекува гевгелиски Кожув.

Дуел на две екипи кои доста несреќно ги загубија последните мечеви, стручани против Работнички, а гевгеличани во пресметката со водечкиот Пелистер.

Па извесно е дека денешниот натпревар, закажан за 17. часот во Спортскиот центар „Тими“ во Струга ќе донесе рехабилитација за еден од ривалите.

„Веќе втор натпревар по ред губиме, што се вели на една топка, или еден напад. Се надеваме дека ќе има ‘трета среќа’ односно дека некоја наредна, неизвесна завршница ќе ја решиме во своја корист. За противник имаме екипа која покажа дека и покрај големата пауза, знае да игра кошарка, и дека моменталниот скор кој го имаат во лигата не е вистинско мерило за квалитетот. Полека ги местиме линиите во тимот, новите играчи си го наоѓаат своето место. Тоа е добар знак дека можеме, и треба да се надеваме на успех на овој натпревар“ – вели тренерот на стружани, Петар Чочороски.

Гевгеличани се во една слична ситуација, што за разлика од тимот од Струга, засега немаат ниту еден резултатски „плус“ во сезоната. Ќе го (по) бараат денеска во дуелот со Црн Дрим Грин мобиле.

„По тешкиот натпревар со Пелистер, увидовме дека можеме да играме многу поквалитетна кошарка која не содејствува со резултат кој моментално го имаме. Сите мали грешки кои ги направивме во финишот а нè чинеа победа ќе пробаме да ги анулираме. Доколку ја повториме играта со сериозен пристап кон сите играчи на Црн Дрим, се надевам на позитивен исход. Иако новајлија во лигата, во последното коло Црн Дрим покажа дека е сериозна екипа која ќе оди на победа на секој натпревар, и ние тоа мора да го респектираме“ – вели Александар Јончевски пред дуелот во Струга.

Утре, во истиот термин, од 17.часот, играат Куманово и Вардар.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 11.КОЛО

ДЕНЕСКА:

17.00: Црн Дрим Грин мобиле – Кожув       стреам

ПОНЕДЕЛНИК:

17.00: Куманово 2009 – Вардар         стреам

ПРЕТХОДНО ОДИГРАНИ НАТПРЕВАРИ

Академија ФМП – Работнички            75:69

Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром     88:85

Гостивар – МЗТ Скопје Уни Банка      78:62

Еуро Никел 2005 – ТФТ   79:86