15.01.2021

Битолчани останаа недопирливи, го победија и составот од Аеродром (88:85), за продолжение на победничкиот низ на бројката 8...

11. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Ниту МЗТ Скопје не најде чаре за Пелистер

„Пелистерци“ не запираат. Го положија и најголемиот тест во досегашниот дел од сезоната. Имаа и мали падови, но и поголеми успони во дербито на 11. коло против МЗТ Скопје Аеродром. Но на крајот, „зелено-белите“ го најдоа патот до осмата победа во првенството.

За потврда на лидерската позиција во шампионатот.

ПЕЛИСТЕР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ          88:85

Уште од самиот почеток, гостинските кошаркари ја имаа резултатската предност на дерби дуелот во Битола. Од самиот старт делуваа далеку поенергично, па и поефикасно во однос на „пелистерци“ кои долго време не успеваа да го пронајдат својот посакуван стил на игра.

Индивидуално гледано, доминираа Олуфеми на едната, и Кесар на другата страна од теренот. Првите кои и ја надминаа двоцифрената зона на поени.

Екипата од Аеродром беше првата која стигна и до двоцифрена предност. Во 16.минута, гостите имаа плус од 10.поени (38:28). Но стигна реакција од лидерот, преку серијата од (11-2) за намалување на негативата (39:40) и гостински тајм-аут на 02:15 минути пред истекот на првиот дел од дербито.

Новакот во МЗТ Скопје Аеродром, Доминез Барнет, ја прекина серијата на домаќините.  Но Кесар, со својот 20.поен во полувремето го донесе првото водство за Пелистер (43:42), кое го поништи, кој друг, ако не, Олуџоби за негов 19.поен, а гостински „минималец“, (44:43) на големиот одмор.

Или 20.минути во кои „металците“ имаа подобра реализација во шутот од далечина (и за два и за три поени), и од линијата за слободни фрлања (иако изведоа доста помалку во однос на противникот), но и две загубени топки и еден скок помалку од „пелистерци“.

Во третиот период, битолчани го „добија“ Калахан. Американецот ја направи разликата во игра во третиот период од играта во кој „зелено-белите“ направија комплетен играчки, но и резултатски пресврт. Дојдоа и до водство изразено со „две бројки“  (64:54) по тројката на Малешевиќ.

Имаа битолчани и плус 12 (68:56), по поентирањето на другиот плејмејкер, Вилијамс. „Металците“ одговорија, анулираа половина од таа негатива (63:68), но деконцентрацијата ги чинеше со поени на Вилијамс, кој постави (70:63) пред четвртината на одлука.

МЗТ Скопје Аеродром го имаше Олуџоби, кој за две минути скоро ја анулира разликата. Со мини-серија од (7-2), гостите намалија на (70:72).

За кратко, затоа што двете тројки на Малешевиќ, и четирите поени на Кесар го однесоа Пелистер до ново двоцифрено водство од (82:72).

Битолската серија ја продолжи, со тројка, тивкиот, на овој меч, Стајиќ, за највисоките (85:72), и најава за осмиот триумф по ред во првенството. Макар што останаа цели пет минути до крајот на дерби-дуелот на 11. коло.

Феноменалниот Олуџоби ги врати надежите на гостинската екипа. Со Негова голема помош, гостите се вратија со контра-серија од (13-0), со која дојдоа до егал (85:85), на една минута пред крајот.

Во секундите на одлука, одличниот Калахан погоди за (87:85). Солирањето на Олуџоби не се исплатеше. На линијата за слободни фрлања беше испратен Малешевиќ, кој на 11.7 секунди пред крајот, беше половичен, за (88:85).

Гостите имаа две шанси за да изборат продолжение. Но не погодија ниту Стојановски, ниту Гравет.

 

 

 

ФОТО: Димитар Петковски