16.01.2021

​​​​​​​Со одлично одиграна последна четвртина, „црно-белите“ славеа против Еуро Никел 2005 со сигурни (86:79)

11. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: ТФТ има висока точка на „топење“, победи во Кавадарци

Кошаркарите на ТФТ продолжија во победнички ритам во новата 2021 година. Откако беа успешни во Лигата на Балканот, „црно-белите“ од Тафталиџе стигнаа и до голема првенствена победа, на гостувањето во Кавадарци.

Беа подобри од Еуро Никел 2005, особено во последните десет минути од дуелот одигран во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ТФТ 79:86

Гостите од Скопје ја имаа почетната предност (14:12), се до петтата минута од првата четвртина. Во вториот дел од првиот период, кавадарчани одиграа далеку подобро од противникот. До истекот на првата четвртина обезбедија предност од (23:20). А половина од поените за Еуро Никел, 2005, вкупно 12,  ги реализираше најискусниот на теренот, Мијатовиќ.

Доста рамноправно се играше и во вториот период од играта во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

Во 14. минута, кавадарчани имаа позитива од шест поени (30:24). Но со серија од девет поени по ред, гостите од Скопје направија мал резултатски пресврт. Поведоа со (33:30).

По неколку резултатски промени, по 20.минути играње, Еуро Никел 2005 имаше водство од (42:39).

Ништо не се промени ниту по оние задолжителни 15.минути наменети за одмор помеѓу двете полувремиња.

Промените на водството на двете страни беа „заштитниот знак“ на третата четвртина во која ниту еден од двата противници не успеа да направи поголема предност од шест поени која ја имаа кавадарчани по првиот напад по одморот (45:39). На истекот на 30.минута, таа разлика беше само „половина поен“, (63:62).

Но, кога беше најпотребно, кошаркарите од Скопје одиграа и најдобро. Во последните десет минути покажаа дека во овој момент имаат повеќе расположени кошаркари. И дека не случајно имаа четири победи во шест мечеви од деби сезоната во првата лига.

„Црно-белите“ стигнаа и до петтиот успех, во него се вградија дури шестмина кошаркари со двоцифрен број на поени.

Слична беше и распределбата на поените и во екипата домаќин. Но останува фактот дека ТФТ беше подобар кога требаше, во четвртината на одлука.  

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 11.КОЛО

Академија ФМП – Работнички            75:69

Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром     88:85

Гостивар – МЗТ Скопје Уни Банка      78:62

Еуро Никел 2005 – ТФТ   79:86

НЕДЕЛА:

17.00: Црн Дрим Грин мобиле – Кожув

ПОНЕДЕЛНИК:

17.00: Куманово 2009 - Вардар