Комплетното коло ќе се одигра во саботните вечерни термини, а внимание предизвикуваат дуелите во Гостивар и во Битола...
Особено тоа се однесува за натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Пред се затоа што на двете страни од теренот ќе стојат (или седат сеедно), двајца големи пријатели со потекло од Кавадарци.
Љупчо Малинков, сега како прв тренер на Пелистер, и Горан Самарџиев, кој ја доби довербата да го наследи на кормилото на кавадаречки Еуро Никел 2005.
ТВ дуелот е во гостиварската сала „Младост“ каде на гости доаѓа се подобриот Работнички. Секако во обид да ја продолжи серијата на победи, а домаќините пак да ја надминат онаа криза која им донесе неколку порази.
Гостивар – Работнички (МТВ)
Дербито на последното коло во Првата лига во оваа календарска 2019 година се игра во салата „Младост“ во Гостивар. Во сабота попладне, од 17 часот гостува екипата на Работнички.
„Црвено-белите“ од „Градски парк“ се во серија од три победи, играат се подобро, од друга страна пак, со победата над Академија ФМП минатото коло ја прекинаа низата од два порази, и останаа во трката за највисок пласман.
И на дуелот во Кисела Вода се виде дека гостиварци немаат вистинска организација на играта. Дека и тоа како недостасува Александар Костоски
Навистина екс-репрезентативецот беше во „униформа“ на гостувањето во Скопје, но неговото враќање на теренот беше одложено, најмалку за уште една „работна седмица“.
„Сакам да играм, дали ќе биде тоа така, ќе видиме во овие 24.часа. Се чувствувам многу подобро. Но ќе се консултирам со лекарскиот тим пред да истрчам на теренот. Не би сакал да пропуштам еден вака важен меч за нашата екипа. Работнички е во подем, почнаа да победуваат во серија, а кога е така, опасноста за нас е уште поголема. Дефинитивно мора да го подигнеме нивото на нашата игра, да бидеме многу подобри од што бевме на последните неколку натпревари“ – вели Костоски пред мечот од 11. коло.
Натпревар кој носи посебна инспирација за еден млад кошаркар од редовите на Работнички – Виктор Ефремоски.
Одличниот шутер доаѓа во родниот град со желба да му донесе победа на Работнички.
„Натпреварот со Гостивар во сабота навечер буди во мене чувство на измешани емоции. Од една страна, прекрасно е чувството да играш пред публиката од мојот град, градот во кој сум роден: Но од друга страна, како долгогодишен играч на Работнички, треба да играм против мојот град, сепак буди емоции кај мене. Но тоа е само една фер игра помеѓу два добри клуба. И се надевам дека ќе биде добар и професионален натпревар каков што заслужува гостиварската публика“ - вели Ефремоски.
МЗТ Скопје Уни Банка – МЗТ Скопје Аеродром
„Братски дуел“ во СЦ „Јане Сандански“ во кој, се чини, победникот е познат уште пред почетокот на оние задолжителни 40.минути.
Но и добра шанса тренерите на двете екипи да пробаат да разменат, реализираат некои нови тактички замисли. Веројатно Ѓорѓи Кочов ќе тактизира со своите носители на играта зад кои е тешко гостување во Тузла.
Од друга страна пак за Горан Крстевски, уште една прилика да го види, пронајде вистинскиот капацитет на момците кои работат под негова „команда“ во изминатите неколку месеци.
Кожув – Вардар
Гевгеличани сакаат со пибеда да ја затворат оваа полусезона и 2019 година. Исти мотиви имаат и младите кошаркари на Вардар. Сепак Кожув има доста поискусна екипа која и пред една недела, против првакот, покажа дека знае да игра квалитетна кошарка. И дека само неколку лошо одиграни напади во финишот на средбата во Скопје, беа причина за поразот, четвртти во сезоната.
Проблем за Александар Јончевски е кратката ротација со која располага во фииот на оваа 2019 година. Но и со она што сега го има на располагање тренерот на Кожув би требало да биде доволно за успех против „црвено-црните“ кои останаа на онаа една победа во десетте одиграни средби.
Пелистер – Еуро Никел 2005
Дуел кој треба да го одбележи судирот на двајцата довчерашни соработници, Љупчо Малинков од едната и Горан Самарџиев од другата страна, онаа на Еуро Никел 2005.
Самарџиев има помало тренерско искуство, но тоа не му пречи ду се спротивстави на човекот со кој долги години делеше и добро и лошо во она што се нарекуваше Фени Индустри.
„Факт е дека Пелистер игра многу подобро откако на клупата седна мојот голем пријател Љупчо Малинков, Тоа е видливо и во резултатите. Направија неколку победи, па сега рамноправно конкурираат за местата кои водат во Суперлигата. Играат во Битола, значи се во некоја фаворитска улога. И самите гледате дека во овој прв дел од првенството екипите важат за ‘домаќински’. Односно ретко кој успева да ги освои бодовите на гостински терен. Присуствуваме на можеби најизедначено првенство во кое три-четири екипи го делат второто место, а лидерската има само една победа повеќе. И дефинитивно, се лажат оние кои мислат дека лесно ќе обезбедат место во Суперлигата, односно подоцна и во плеј-офот“- коментира Самарџиев пред гостувањето во Битола.
Реални се зборовите на Самарџиев. Со Љупчо Малинков на клупата, Пелистер знае само за победи. Во сабота навечер (од 18.часот), ќе бараат уште една во серијата.
„Сакаме таа победничка серија да потрае, макар уште еден круг, овој последниот за оваа година. Пред нас имаме еден сериозeн противник, кој оваа сезона најави комплетна консолидација. На нашата кошарка и е потребен еден клуб каков што е Еуро Никел 2005, и драго ми е то тимот го предводи еден од најдобрите, Горaн Самарџиев. Но, сентиментот ќе го оставиме на страна. Професионалци сме, заработуваме од ова, па за момент, во овие 40.минути ќе заборавиме на тоа. Очекувам тежок натпревар, на две изедначени екипи. Реков наша желба е да го фатиме оној бодовен приклучок, макар што ги гледам како фаворити, со оглед на мњстото кое го имаат на табелата“.
Куманово 2009 – Академија ФМП
Кумановци сакаат со победа да ја затворат оваа за нив турбулентна сезона во која имаа и добри, но и не баш посакувани моменти. Како оној во минатото коло во кое впишаа убедлив пораз на гостински терен во Битола, а по кој се „лизнаа“ некое место подолу на табелата.
„Игравме со нив во оној прв круг. Но, од тогаш Академија ФМП направи неколку играчки промени кои и ги направија подобра екипа, која знае да биде доста опасна доколку биде потценета. Нема што посебно да се подготвуваме. Свесни сме дека овој меч е наша шанса, со победа да го оддржиме приклучокот со водечките екипи на табелата“ – вели еден од најискусните во редовите на кумановските „сино-бели“, Марјан Јанески.
За „пантерите “од Кисела Вода пак ова е уште една шанса да изненадат и овој прв дел од дебитантскаѕа сезона да го завршат со успех, односно освојување на двата бода.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 11. КОЛО
САБОТА:
17.00: Гостивар – Работнички (МТВ)
Сала „Младост“ – Гостивар
17.00: МЗТ Скопје Уни Банка – МЗТ Скопје Аеродром
СЦ „Јане Сандански“ - Скопје
18.00: Кожув – Вардар
Сала „26.април“ - Гевгелија
18.00: Пелистер – Еуро Никел 2005
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
18.00: Куманово 2009 – Академија ФМП
Сала „Перо Наков“ – Куманово