Новата година носи и многу подобра слика, пред се, здравствена кај прволигашите. И помалку главоболки кај комесарот за натпреварување при комплетирањето на резултатите.
За прв пат од почетокот на новиот шампионат, за овој викенд е предвидено одигрување на комплетното 11. коло, макар што ќе биде поделено на четири „дела“.
Денеска ќе се одиграат два натпревари. Првиот во салата „Независна Македонија“ во скопската населба Кисела Вода, каде Академија ФМП го пречекува Работнички.
Нешто подоцна, од 20.часот, во Битола, непоразениот Пелистер ќе ја бара осмата по ред, победа во дуелот со МЗТ Скопје Аеродром.
Во сабота ќе играат Гостивар и МЗТ Скопје Уни Банка, односно Еуро Никел 2005 и ТФТ. Во недела е предвиден дуелот помеѓу екипите на Црн Дрим Грин мобиле и Кожув, додека поради обврските во БИБЛ лигата кошаркарите на Куманово ќе го дочекаат Вардар во понеделник.
18.30: Академија ФМП – Работнички
За екипата на Академија ФМП вечерашниот дуел ќе биде осмиот во првата фаза од шампионатот. За противник им го носи Работнички, тим кој секогаш носи дополнителна мотивација.
„Излеговме во пресрет на барањето на Работнички да одиграме порано. И тоа ќе биде секогаш кога некој македонски клуб игра европски или натпрeвари од АБА лигата. И добро е што конечно ќе се комплетира едно коло. Се надевам дека во иднина сето ова ќе се одвива нормално, како што и треба да биде. Да фатиме еден натпреварувачки ритам во првенството“- вели Александар Петровиќ.
Околу вечерашниот дуел со „црвено-белите“, шефот на стручниот штаб на „пантерите“ очекува неговите момци мотивираноста да ја „префрлат“ на теренот.
„Работнички е големо име, и доста значи за нашиот млад тим за кого дополнителна мотивација и не е потребна. А мене битно е што во последно време трениравме, и ќе играме комплетни. Ќе се обидеме да го изненадиме големиот противник, зошто да не?“
Работнички пак имаше доста лош настап, но на крајот стигна до победа во домашниот дуел со екипата на Црн Дрим Грин мобиле. Вечерва, бекот на „црвено-белите“, Марјан Младеновиќ, сака тоа да биде многу подобро.
„Големите промени во начинот на функционирање, не само кај нас, туку и во другите екипи, услови да има и вакви осцилации во играта кои ги прикажавме пред некој ден со екипата од Струга. Можеби е ‘нормално’ сега, но не и во некои други услови. Без оглед на се, не смееме да си дозволиме таков луксуз. Мора да играме максимално ангажирано против било кој противник, така и против Академија ФМП. Една екипа која е составена, во најголем дел, со млади играчи, желни за игра, со добар тренер кој од нив го вади максимумот. Мора да имаме сериозен пристап, само така можеме да избегаме, односно да не влеземе во дополнителни проблеми“- коментира Младеновиќ пред гостувањето во Кисела Вода.
20.00: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром
Дербито на ова 11.коло и дефинитивно ќе се игра во салата „Боро Чурлевски“. Во Битола доаѓа еден од најдобрите тимови во нашата Прва лига, МЗТ Скопје Аеродром.
Дефинитивно најголемиот предизвик во овој прв дел од сезоната за „пелистерци“ кои се единствените со максимален ефект, седум меча-седум победи.
„Нема што многу да се зборува, дерби како дерби, празна сала, шансите за победа се 50:50. Битно за нас како екипа е да извадиме поука од последниот натпревар со Кожув, каде не бевме на посакуваното ниво на игра. Јасно е дека нема да ни биде лесно и дека на секој натпревар треба да влеземе максимално подготвени. И дека во текот на сите 40. минути треба да бидеме една целина. Онакви како што бевме и досега. И да не се прилагодуваме на стилот на играње на противниците, туку да си ја играме нашата игра, најдобро што знаеме и можеме. Очекувам така да биде вечерва во дуелот со МЗТ Скопје Аеродром“ – вели „столбот“ во играта на Пелистер, Бојан Трајковски.
МЗТ Скопје Аеродром има зад себе еден полесен, па може да се каже, посилен тренинг и 40.минути на добра игра против аутсајдерот Вардар. А пред себе екипа која засега има максимален ефект во досега одиграните мечеви во Првата лига.
„Играме против еден одличен тим, составен од одлични индивидуалци. Со играчи кои имаат и АБА искуство и странски кошаркари кои настапувале во силни лиги. Нивната најголема сила е во тоа што преку некои комбинирани зонски одбрани стигнуваат до лесни поени во транцизија. Сметам дека тоа е нивната најголема сила, и дел од играта на кој треба да обрнеме големо внимание ако сакаме да бидеме успешни во Битола“ – смета Ѓорѓи Кочов, првиот тренер на „металците“.