23.01.2021

Денеска ќе се одигра првиот од петте предвидени натпревари во текот на овој викенд, оној во Кавадарци

12. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Еуро Никел 2005 не е подготвен за нов кикс!

Со натпреварот во кавадаречки „Јасмин“ каде екипата на Еуро Никел 2005 ќе го пречека МЗТ Скопје Уни Банка, се отвора 12. коло од Првата лига-мажи. Првиот од петте мечеви планирани за овој викенд. 

18.00: Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Уни Банка

Кавадарчани загубија од ТФТ пред неколку дена, и тоа на домашен терен. Па вечерва (18.часотг), ќе се обидат да го поправат тој кикс во дуелот со младата екипа на МЗТ Скопје Уни Банка.

Никола Караколев, еден од најискусните во екипата која ја предводи Горан Самарџиев, вели дека тој и неговите соиграчи треба да имаат вистински пристап кон обврските кои со себе ги носи овој натпревар.

„Играме со МЗТ Скопје Уни Банка, една млада екипа која е желна за докажување. Но, сепак, ние сме фаворити. Играме на домашен терен. Со сериозен пристап од почетокот на натпреварот, убеден сум дека нема да имаме проблеми. Ако ја играме нашата препознатлива игра, сигурно победуваме“- порачува бекот на кавадаречкиот прволигаш, кој на оваа средба нема да смета на новото засилување од Хрватска, Роберт Рикиќ.

Високиот центар треба денеска да пристигне во Македонија, поточно во Кавадарци, а од почетокот на следната седмица да се вклучи во тренажниот процес на Еуро Никел 2005.

Гостите од Скопје посакуваат изненадување. Второ во овој шампионат за составот кој оваа сезона го предводи Борче Даскаловски.

„ Очекуваме, пред сè, да ја играме нашата игра. Да веруваме еден во друг и да ги следиме инструкциите на тренерот Даскаловски. Се подготвуваме долго за овој натпревар, и цел ни е да ги поправиме грешките од минатиот кои нè чинеа победа. Притисокот е на страна на противникот, нам ни останува да излеземе на теренот и да го дадеме нашиот максимум!" – вели Максим Митевски пред гостувањето во „Јасмин“.

Во недела, 24. јануари, се предвидени уште четири натпревари од 12.коло, додека дерби дуелот МЗТ Скопје Аеродром – Работнички е одложен поради настап на „металците“ на турнирот од АБА 2 лигата во Бања Лука.

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

ДВОЈКИ 12. КОЛО

ДЕНЕСКА:

18.00: Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Уни Банка   стрим (ЛИНК)

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

НЕДЕЛА:

16.00: Црн Дрим Грин Мобиле – Вардар

Сала на СЦ „Тими“ – Струга

17.00: Куманово 2009 – ТФТ    стрим (ЛИНК)

Сала на Економско училиште „Перо Наков“ - Куманово

18.00: Гостивар - Академија ФМП     стрим (ЛИНК)

Сала „Младост“ – Гостивар

18.30: Пелистер – Кожув           стрим (ЛИНК)

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

МЗТ Скопје Аеродром – Работнички             одложено