Денеска ќе се одиграат и другите натпревари од 12.круг од Првата лига. Интереснао, ниту еден од четирите планирани нема да се игра во Скопје. Единствената „скопска“ пресметка, вечниот дуел помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички ќе се одигра во друг термин.
16.00: Црн Дрим Грин Мобиле – Вардар
Пред дуелот на двете екипи од долниот дел на табелата, сериозни проблеми за стружани. Ќе мора да играат против „вардарци“ без својот стартен центар, кој на последниот натпревар заработил повреда, и која го трга од пријавната листа на Црн Дрим Грин мобиле за денешниот натпревар во СЦ „Тими“ во Струга.
„Се соочуваме со големи проблеми затоа што го загубивме нашиот прв центар Коне кој е повреден. И ќе биде навистина тешко. Пед се поради фактот што Вардар дополнително се засили на неколку позиции. И тоа менува многу работи. Како и да е, треба да се бориме и да покажеме карактер, и да се избориме за победа. А тоа нема да е лесно“- констатира првиот тренер на струшкиот прволигаш, Перо Чочороски.
17.00: Куманово 2009 – ТФТ
Ако некои две екипи се познаваат посебно добро во однос на другите десет прволигашки, тоа дефинитивно се Куманово 2009 и ТФТ.
Нашите претставници во БИБЛ лигата веќе си разменија неколку натпревари, а во недела од 17.часот ќе одиграат уште еден. Во првото коло од вториот круг од натпреварите, домаќин е Куманово 2009
Екипа која пред некој ден направи тренерска промена, Владимир Мирковски повеќе не е прв тренер. Раководството е во потрага по неговиот наследник. Несомнено голем хендикеп за „сино-белите“ зад кои е и оној шокантен пораз од пред некој ден доживеан во Гостивар.
„Играме против екипа која е најпријатно изненадување во Првата лига и никако не смееме да ги поттцениме. Добро се познаваме, досега имаме одиграно три натпревари. Како во Балканската лига така и во домашното првенство. Нивно главно оружје е контранападот. И најопасни се во таа ‘отворена игра’. Доколку им ја запреме транзицијата, и секој од нас даде максимум како во одбрана, така и во напад се надевам на позитивен резултат“- вели еден од најдобрите играчи на Куманово во досегашниот дел од сезоната, Горјан Марковски.
ТФТ е хит на првенството, и такви проблеми нема. „Црно-белите“ туркаат одлично, и во една таква атмосфера патуваат за Куманово
„Буквално немавме време да се израдуваме на победата против Пелистер бидејќи веќе во недела навечер нè очекува дуелот со Куманово кој што сигурно, резултатски е од поголема важност. Имавме доволно време да се подготвиме за истиот и ќе бидеме подготвени за истиот. Ќе го дадеме својот максимум. И ќе пробаме да го искористиме моментумот и добрата форма во која се наоѓаме во овој момент“ – вели Боро Смилковски пред ова гостување.
18.00: Гостивар - Академија ФМП
Гостивар одигра еден инфаркт меч против Куманово, но на крајот го реши во своја корист. Па вечерва не сакаат истото да им се повтори и во мечот против Академија ФМП.
„Верувам дека ја научивме лекцијата како не треба да се одигра една четвртина. Онаа третата во мечот со Куманово“ – вели Марјан Јанески. „Академија ФМП покажа и досега дека знае да игра добра кошарка. Загубивме кај нив, макар што тогаш бевме некомплетни. Наш е редот да им возратиме за тоа и да победиме. Мора да ја подигнеме нашата игра на едно повисоко ниво. Особено во одбраната. Ако сме добри во тој сегмент, не се сомневам дека во нападот, кој е наша подобра страна, ќе бидеме како што посакуваме“.
„Пантерите“ рутинерски го одработија гостувањето во Струга и споија две победи, по онаа многу поважната, против Работнички. Вечерва ќе бараат и трета...
„Со оглед на тоа дека на последните два натпревари пруживме навистина добра игра, особено победата над Работнички, и тоа дека сме во добар ритам, очекувам еден добар натпревар. И се надевам дека конечниот резултат ќе оди во наша корист“- коментира најдобриот стрелец на Академија ФМП, Стефан Крстајиќ. „Играме против една доста непредвидлива екипа, иако ги добивме во првиот дел. Но сега имаат доста изменет ростер, и домашен терен, и може да ни создадат многу проблеми. Видовме дека направија голем пресврт во дуелот со Куманово, кога постигнаа доста лесни поени. Тоа не смееме да им го дозволиме ако сакаме успех и во Гостивар“.
18.30: Пелистер – Кожув
Шефот на стручниот штаб на Кожув, Александар Јончевски потенцира дека овој шампионат е, и ќе биде еден од најнеизвесните во историјата.
„По неколкуте одиграни кола во оваа сезона, можам да заклучам дека ќе биде најнеизвесна во досегашната историја, во смисол на патници за плеј-офот. Секако дека има фаворити, но со оглед на темпото на играње, ‘среда -сабота’ , ковид протоколи и моментален здравствен биланс на екипите, желбата за победа, моменталната мотивација и тимскиот дух на играчите ќе бидат ‘фактор Х’ во секој натпревар“.
А Јончевски се осврнува и на некои други аспекти, од актуелниот момент во кој функционира македонската клупска кошарка:
„Приликава ќе ја искористам да кажам мое гледиште на работите во поглед на истите. Ние сме екипа која ги почитува правилата на игра и спортскиот фер плеј, па знаете досега настапивме некомплетни на скоро секој натпревар, иако лесно можевме да го пролонгираме враќањето на терен. Нашата цел е да одиграме на најдобар можен начин, и да го претставиме градот во најдобро светло со сите расположливи сили исклучиво на терен. Размислуваме во правец на развој на кошарката и спортскиот дух, и не сакаме топката од терен да заврши на административна маса. Клубовите и спортот се тие што не претставуваат и надвор од овие граници па жалосно е што не ја користиме целосно шансата што веќе ни е дадена за поголема промоција на македонската кошарка“- смета Јончевски.
ПРВА ЛИГА – МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 12. КОЛО
ДЕНЕСКА:
16.00: Црн Дрим Грин Мобиле – Вардар
Сала на СЦ „Тими“ – Струга
17.00: Куманово 2009 – ТФТ стрим (ЛИНК)
Сала на Економско училиште „Перо Наков“ - Куманово
18.00: Гостивар - Академија ФМП стрим (ЛИНК)
Сала „Младост“ – Гостивар
18.30: Пелистер – Кожув стрим (ЛИНК)
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
ПРЕТХОДНО ОДИГРАН НАТПРЕВАР
Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Уни Банка 90:79
МЗТ Скопје Аеродром – Работнички одложено