Кошаркарите на Гостивар не дозволија иста грешка по втор пат. Ако пред некој ден се поиграа со нервите на своите симпатизери, овојпат, на средбата со Академија ФМП, избраниците на тренерот Марјан Србиноски одиграа скоро без грешка. Брзо направија убедливо водство. Потрошија дел од истото, но во второто полувреме го скршија отпорот на „пантерите“, и дојдоа до уште еден домашен триумф.
ГОСТИВАР - АКАДЕМИЈА ФМП 92:81
Гостиварци беа убедливи на почетокто на средбата во салата „Младост“. Почнаа доста ефикасно, брзо направија предност, која до крајот на првата четвртина веќе беше двоцифрена. Поведе Гостивар со (25:15), како најава дека се подготвени да продолжат со победите.
Но во втората четвртина гостите до Скопје заиграа доста поангажирано, пред се во нападот. Анулираа половина од негативата. И до истекот на првите 20.минути, се „вратија“ назад во мечот.
Имаа само пет поени негатива (41:46).
Ова беше и деби натпревар за новакот на Гостивар, Џо-Џо Вокер. Одигра одлично Американецот во тој прв дел од мечот. Стигна и до двоцифрен ефект. Одлично играше и неговиот сонародник Фрајдеј, кој во третиот период дојде до бројката од 19. поени, додека Димитриески имаше 12.
По 27.минути, по втората тројка на Костоски, Гостивар одново имаше двоцифрено водство од (64:52).
А кога Костоски е во шутерска форма, сè е многу полeсно во играта на гостиварските „сино-бели“. До крајот на третата четвртина екс-репрезентативецот постигна уште две, а неговата екипа „побегна“ на високи (77:61).
Домаќините не ја повторија грешката од претходниот меч со Куманово. Кога веќе стигнаа до така убедлива предност, овојпат знаеја да ја задржат, и да ја запишат шестата првенствена победа, во девет одиграни натпревари.
Победа со која го надминаа ефектот на својот вечерашен противник кој има шест победи и четири порази. Доволно за задржување на чекорот со водечките екипи во шампионатот.
Одличниот Фрајдеј застана на бројката од 29.поени, Вокер имаше 18, а Костоски и Димитриески по 12 во победничката екипа.
Во поразената, далеку напред, со 26.поени беше Крстајиќ. Двојаковски уфрли 19, А Херис и Темелковски по 13. поени.
ПРВА ЛИГА – МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 12. КОЛО
Црн Дрим Грин Мобиле – Вардар 68:81
Куманово 2009 – ТФТ 88:92
Гостивар - Академија ФМП 92:81
Пелистер – Кожув во тек
ПРЕТХОДНО ОДИГРАН НАТПРЕВАР
Еуро Никел 2005 –МЗТ Скопје Уни Банка 90:79
МЗТ Скопје Аеродром – Работнички одложено