24.01.2021

Пелистер го совлада Кожув (102:81), и го задржа првото место на табелата во Првата лига

12. КОЛО ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Со уште една „стотка“, „пелистерци“ покажаа зошто се први на табелата

Побрзо од очекуваното, кошаркарите на Пелистер им се вратија на победите. За кратко време, сега и во Битола, беа подобри од екипата на Кожув.

Во натпревар кој многу работи беа решени со една одлично одиграна, втора, четвртина, битолчани го оставија својот противник без никаква шанса за успех.

Победија во Гевгелија, победија и во Битола.

ПЕЛИСТЕР – КОЖУВ 102:81

Една четвртина „загревачка“ и уште една во која кошаркарите на Пелистер експлодираа офанзивно, ги одбележија првите 20.минути од средбата со Кожув.

Ако во првиот период гостинската екипа одржуваше играчка и резултатска рамноправност, работите се променија во вториот.

Би се рекло, во свој стил, „пелистерци“ ги одиграа вторите десет минути во кои почнаа да го кршат отпорот на противникот.

Секако, во прв ред, ефикасно во нападот. Екипата која од клупата ја предводи Марјан Илиевски, уфрли дури 36.поени во тој дел од играта, преку кои стигна до убедлива предност од (62:44) на полувремето.

Предводени од Стајиќ кој постигна 18.поени, уште тројца други домашни играчи имаа двоен број на поени. Малешеиќ,Кесар и Вилијамс додадоа уште по 11. На другата страна, поентерски осамен, со 18. реализации беше Силаџи.

Високата позитива не ги „заспа“ домашните кошаркари. Навистина не притискаа, но знаеја да ја задржат разликата. По три четвртини имаа скоро исти (85:66), кои им дадоа да играат далеку порелаксирано во последниот период од дуелот во салата „Боро Чурлевски“, во кој само се чекаше кога „зелено-белите“ ќе ја надминат бројката од сто дадени поени. 

За скор (9-1) и потврда на позицијата број 1 во шампионатот.

ФОТО: Димитар Петковски

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 12. КОЛО

Црн Дрим Грин Мобиле – Вардар     68:81

Куманово 2009 – ТФТ      88:92

Гостивар - Академија ФМП      90:79

Пелистер – Кожув 102:81         

Еуро Никел 2005 –МЗТ Скопје Уни Банка    90:79

МЗТ Скопје Аеродром – Работнички            одложено