30.01.2021

Поради присуство на корона вирусот во редовите на клубот од „Градски парк“ во изминатиот период, одложен е дуелот Работнички-Гостивар

13. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: ФМП Академија сака да продолжи со победувањето на домашен терен, Пелистер бара рехабилитација „Под Кале“

Ова коло од натпреварите во Првата лига-мажи носи пет натпревари. Поради присуство на корона вирусот во редовите на клубот од „Градски парк“ во изминатиот период, одложен е дуелот: Работнички-Гостивар.

Денеска ќе се одиграат четири натпревари, интересно, сите се во Скопје, а во недела уште еден, оној во кој се среќаваат екипите на Кожув и МЗТ Скопје Аеродром, а кој ќе биде пренесуван и на програмата на МРТ.

Саботната програма ќе биде отворена со мечот МЗТ Скопје Уни Банка и Куманово 2009 кој се игра од 15.30 часот во малата сала на СЦ „Јане Сандански“.

15.30: МЗТ УНИ БАНКА – КУМАНОВО 2009

Дуелот со Куманово 2009 е уште една можност за младиот тим на МЗТ Скопје Уни Банка да го претвори потенцијалот во нешто поголемо што се вика победа.

Но пред себе избраниците на тренерот Борче Даскаловски ќе имаат максимално мотивиран ривал, кој во изминатите денови, со двете победи на гостувањето во Црна Гора, го потврди пласманот во наредната рунда од натпреварите во БИБЛ лигата.

„Денеска играме со екипа која секоја година е меѓу подобрите во Првата лига. Ние акумулираме искуство со секој одигран натпревар. Очекувам да пружиме голем отпор, а ако имаме шанса, ќе изненадиме. Во играта под кошот за овој натпревар ќе ни недостасува Роб Монтгомери. Се надевам дека со брза и паметна игра ќе ги натрчаме и изненадиме поискусните колеги од Куманово“- вели кратко капитенот, на „сино-белите“, Дарио Митевски.

Дамјан Робев се надева на уште еден трумф на Куманово 2009 во серија:

„Се вративме од Црна Гора со кренати глави. Успеавме да се избориме за пласман во наредна фаза на БИБЛ лигата. Имавме многу промени во составот на екипата, и тоа беше голем проблем што многу се одрази на нашата игра. МЗТ Скопеј Уни Банка е екипа која не смее да се потцени. Имаат квалитет и мораме да влеземе максимално, уште од првата минута. Немаме веќе право на кикс. Ќе дадеме сè од себе да ја продолжиме оваа серија на победи, и во исто време да се издигнеме над сите проблеми кои нè следеа досега“- посакува репрезентативниот бек зад кого се два извонредни натпревари во Лигата на Балканот.

17.00: ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР

По загубата во дуелот со Гостивар на домашен терне пред неколку вечери, кошаркарите на Пелистер ќе бараат уште една можност за рехабилитација. Вториот пораз значи уште поголема мобилизација во редовите на „зелено-белите“. А гостувањето „Под Кале“ им дава вистинска можност за тоа.

Но, својот збор треба да го каже и екипата од другата страна на теренот. „Вардарци“ склопија еден тим во кој кој може да изненади, како што тоа беше случајот на нивното гостување во Струга.

„Екипата на Пелистер е фаворит на овој натпревар, но ние треба да го дадеме својот максимум. Мислам дека сме во добра форма, играме на домашен терен, и мислам дека можеме да ги изненадиме“- вели Виктор Ташовски, еден од најдобрите кај „црвено-црните“ во овој прв дел од сезоната.

18.00: АКАДЕМИЈА ФМП – ЕУРО НИКЕЛ 2005       МРТ

Екипата на Академија ФМП е една од оние кои не ја даваат предноста која со себе ја носи играњето на домашен терен. Засега имаат максимален ефект во салата „Независна Македонија“. Посакуваат така да биде и по средбата со Еуро Никел 2005. 

„Можам да кажам дека подготвени го дочекуваме Еуро Никел. Свесни сме за тежината на оваа средба. Иако тие се ’постара’ и поискусна екипа, и веројатно фаворит во натпреварот, верувам дека, ако го испочитуваме договорот од соблекувалната, и ако играме како што трениравме во текот на неделата дека можеме доста лесно да го изненадиме противникот. Секако ќе биде голем предизвик, особено за нас високите играчи, да најдеме одбрана за нивниот највисок играч, Рикиќ. Наша задача ќе биде да ги натераме да трчаат повеќе,  и да го забрзаме ритамот на мечот“- смета еден од носителите на играта на „пантерите“, Теодор Атанасов.

Горан Самарџиев, предводникот н Еуро Никел 2005 од клупата, очекува цврста игра на двете страни од теренот:

„И гостуваме на екипата на Академија ФМП која е најдобар домаќин во нашата лига. Мислам дека најдобро го користи домашниот терен досега. Но ние одиме на победа и на овој натпревар, како и на секој друг. Очекувам цврста игра од двата тима, и нека победи подобриот!“.

18.00: ТФТ – ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ

Иако зад себе го носат поразот во дуелот со МЗТ Скопје во Аеродром, ТФТ е фаворит во пресметката во која ќе се сретнат две екипи во „црно-бела“ комбинација. Им гостува екипата која досега има запишано само една победа во 12. одиграни мечеви – Црн Дрим Грин мобиле.

„Натпревар од големо значење за нас, неполни 48 часа од претходниот, против МЗТ Скопје Аеродром, и по кој можеби сме малку емотивно и физички исцрпени. Сепак, ја прифаќаме фаворитската улога и очекувам еден максимално сериозен пристап од самиот почеток, и борба во текот на сите 40. минути. Со ваков пристап можеме да се надеваме на позитивен резултат на денешниот натпревар, што исто така би било одлична увертира за решавачкиот, оној од БИБЛ лигата против екипата на Ибар, кој го играме веќе во вторник“- констатира тренерот на скопските „црно-бели“ Боро Смилковски.

„Одигравме одличен натпревар со Еуро Никел 2005 во  Струга. И повторно не се наградивме во самата завршница. Немаме доволен број на искусни играчи кои можат да превземат одговорност во тие моменти на одлука. А згора на тоа сме и без помошта на Коне и Арсоски. ТФТ е фаворит, игра дома. Се во голем налет. Единствено ни останува да се бориме и да одиграме на ниво како во дуелот со кавадарчани. Дали тоа ќе биде доволно, ќе видиме вечерва“ – вели тренерот на струшкиот прволигаш, Перо Чочороски.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 13. КОЛО

ДЕНЕСКА:

15.30: МЗТ УНИ БАНКА – КУМАНОВО 2009 СТРИМ-ЛИНК

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

17.00: ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР      СТРИМ-ЛИНК

Сала на КК „Вардар“ – Скопје

18.00: АКАДЕМИЈА ФМП – ЕУРО НИКЕЛ 2005       МРТ

Сала „Независна Македонија “- Скопје

18.00: ТФТ – ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ       СТРИМ-ЛИНК

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

НЕДЕЛА:

17.30: КОЖУВ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     СТРИМ-ЛИНК

Сала „26.април“- Гевгелија

Работнички – Гостивар   одложено