31.01.2021

Фаворитот ја оправда улогата, „металците“ го скршија отпорот на Кожув во вториот дел и стигнаа до убедлива победа (82:65)

13. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: МЗТ Скопје Аеродром фаќа залет, го победи и Кожув

По враќањето од Бања Лука, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром мораат да играат во еден „забрзан ритам“. Кој веројатно им одговра ако се земе в предвид дека вечерва стигнаа до уште еден првенствен успех. По триумфот против ТФТ пред некоја вечер, беа подобри од Кожув во Гевгелија.

КОЖУВ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     65:82

Во уводнито дел од мечот во салата „26.април“, доминираа Скот на едната, односно Олуџоби на другата страна од теренот. Во тие први десет минути дадоа по исто толку поени – 10.

А Кожув успеа во обидот да го сочува она почетно водство. Прво од (11:6), потоа (21:15) и (25:17). На истекот на четвртината, гевгеличани водеа со (25:21).   

„Металците“ стигнаа до нерешен резултат (28:28), по 2:20 минути од вториот период. Знак за домашниот тренер Александар Јончевски да побара минута одмор. Но веќе во наредниот напад, по тројката на Карачиќ, МЗТ Скопје Аеродром прејде и во водство (31:30).

Нерешено беше и на 3:20 минути пред истекот на првото полувреме (38:38), потоа и (42:42). Олуџоби продолжи со соло-изведбата, стигна и до 20.поен, за минимална предност на тимот од Аеродром (46:44).

„Аеродромци“ доминираа во третата четвртина. Особено подобри беа „сино-белите“ во одбраната, која им дозволи на домашните кошаркари да дадат само шест поени за осум минути.

На другата страна, гостите дадоа 16, и за прв пат се одвоија на двоцифрена предност од (62:50). Крстевски и Гравет беа оние кои му се приклучија на Олуџоби во поентерските активности. Крстевски дојде до 13, а Гравет до 10.реализации по три одиграни четвртини, во кои МЗТ Скопје Аеродром ја задржа високата позитива (64:52).

Иако се обидуваа, домашните кошаркари не успеаја да дојдат до резултатски приклучок. Никако не функционираше нивниот напад. Во второто полувреме „белите-црвените“ дојдоа до само 15.поени во скоро 17.минути, кога противникот беше „одалечен“ на (77:59).

Ова беше осмиот натпревар и петтиот триумф за МЗТ Скопје Аеродром во оваа сезона. Кожув пак останува на три победи, сега во девет одиграни мечеви во Првата лига.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 13. КОЛО

МЗТ УНИ БАНКА – КУМАНОВО 2009 67:68

ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР       80:105

АКАДЕМИЈА ФМП – ЕУРО НИКЕЛ 2005        89:94 (80-80)

ТФТ – ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ        113:82

КОЖУВ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     65:82

Работнички – Гостивар   одложено