23.01.2022

По втор пат во оваа сезона беа подобри од добриот состав на Навико Академија ФМП (94:73), за 13.победа во серија

13. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: „Пелистерци“ туркаат по старо и во новага година - победнички

Пелистерци немаат намера да запрат. Ниту паузата, ниту пак промената во играчкиот ростер во кој сега ги нема Бојан Трајковски (за трајно) и Стојан Ѓуроски (на неодредено време), не сменија нешто во играта, и во намерите на „зелено-белите“.

Да продолжат со победувањето. Така беше и на средбата против одличниот тим на Навико Академија ФМП...

ПЕЛИСТЕР – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП      94:73

Првата петорка на лидерот заврши голем дел од обрвските во дуелот со Навико Академија ФМП. Постигнаа дури 30, примија само 12 поени, со што го одредија понатамошниот тек на средбата во Битола. А една третина од поените – 10, беше во режија на расположенетиот Никола Малешевиќ.

Во продолжението од играта, своите први минути во дресот на Пелистер ги одигра и Предраг Пајиќ, кој оваа зима се пресели од Гевгелија во Битола.

Малку поинаку беше во втората четвртина, далеку поизедначена, во која гостинската екипа покажа дека заслужено е во горниот дел од табелата.

Но во домашната (не заигра Младеновски) се разиграа Стајиќ и Хаутон, кои исто како и Малешевиќ рано ја надминаа двоцифрената поентерска бариера (двајцата по 11.реализации). Па мали беа измените во резултатот.

На полувремето, „пелистерци“ заминаа со сигурни (52:36).

Без играчки, а и резултатски промени протекна и третиот дел од играта во салата „Боро Чурлевски“. Битолчани играа доволно добро за да ја оддржуваат резултатската позитива, гостите пак не наоѓаа решенија да ја намалат разликата на едноцифрена.

Сепак, по 28 минути од играта, Пелистер имаше највисоки (72:50). А „новитет“ беше што меѓу двоцифрените се „запишаа“ и високите играчи, како Кесар (15) и Хаутон (17.поени).

На другата страна, очекувано, во тој сегмент избија Ајви (12. реализации) и Крстајиќ (15).

Ритамот, и играчи и резултатски остана потполно непроменет и во оние преостанати десет минути од играта во првиот првенствен меч за лидерот во 2022 година. Пелистер го запиша и 13 по ред, успех во Првата лига.

И повеќе од заслужено затоа што имаше дури пет кошаркари со десет и повеќе поени, а двајца од нив, Малешевиќ и Кесар, 20 и повеќе.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 13. КОЛО

МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – АНГЕЛИ    81:82

КУМАНОВО 2009 – ГОСТИВАР 84:96

ФЕНИКС 2010 – РАБОТНИЧКИ 102:51

КОЖУВ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     71:86

ПЕЛИСТЕР – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП      94:73

ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР

3.ФЕВРУАРИ

18.00: ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ТФТ

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

ТАБЕЛА: Пелистер 26, МЗТ Скопје Аеродром 23, Гостивар 21, Навико Академија ФМП 21, Феникс 2010 20, Работнички 20, Еуро Никел 2005 18 (-1), ТФТ 18 (-1), Кожув 18, Куманово 2009 17, МЗТ Скопје Уни Банка 15, Ангели 14