30.01.2021

Во екстра времето, поранешниот репрезентативец даде 12, од 14 тимски поени за Еуро Никел да ја победи Академија ФМП со (94:89).

13. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Стариот и добар Соколов, ги скроти „пантерите“

Многупати искуството било претставувано како веројатно пресуден фактор во одреден број на натпревари. Нешто што може да  се констатира и за дуелот во кој Еуро Никел 2005 и Академија ФМП одиграа 45 наместо 40.регуларни минути.

А во тие пет, „експлозија“ на Дарко Соколов, креатор на новиот успех на прволигашот од Кавадарци.

АКАДЕМИЈА ФМП – ЕУРО НИКЕЛ 2005        89:94 (80-80)

Гостите од кавадарци направија подобар „вовед“ во натпреварот, Односно одлично го затворија првиот период во кој од минимални (10:8), стигнаа до највисоките (21:13), А повеќе од половина од тие поен, вкупно 11, беа дело на новакот Рикиќ. Високиот центар на Еуро Никел 2005 им создаваше огромни проблеми на домашните кошаркари.

И покрај тоа, „пантерите“ дојдоа до достижни (26:30) по нецели пет минути игра во втората четвртина. Но кавадарчани најдоа одговор. Брзо, со помош на Мијатовиќ и Влаховиќ се вратија на „старата разлика“ (37:29), која ја сочуваа и до заминување во соблекувалните (48:38).

Со серијата од (10-2) во 2:15 минути, Академија ФМП одново се врати назад во мечот, за минус од само два поени (48:50). А по тројката на Крстајиќ (негов 13.поен), домаќините преминаа во водство (58:57), во 27. минута од натпреварот.

Но крајот беше многу далеку. Макар што кавадарчани имаа постојана предност и во последната четвртина, „пантерите“ најдоа некоја нова енергија, се вратија уште еднаш, а по поените на Крстајиќ за (80:77), имаа скоро и „добитна комбинација“ за победа.

Ја расипа со тројка, Казарновски, за (80:80) и остави само секунди за конечно решение на овој меч полн со доста динамика, но и нервоани ситуации кои предизвикаа неколку технички и неспортски грешки на двете страни од теренот.

Не го пронајдоа, ниту Крстајиќ, а потоа и Петровски со обид од половина терен. Останаа оние (80:80), па затоа мораше да се одиграат дополнителни пет минути.

А во нив, искуството си го стори своето. Поточно сиот оној квалитет и многу одиграни мечеви кои „во нозете и рацете “ ги има еден Дарко Соколов.

Екс-репрезентативецот беше централна фигура на мечот во екстра периодот. Даде 12. од оние „екстра“ 14.поени на Еуро Никел 2005, за седма победа во десњет одиграни натпревари во Првата лига.

 

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 13. КОЛО

МЗТ УНИ БАНКА – КУМАНОВО 2009 67:68

ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР       80:105

АКАДЕМИЈА ФМП – ЕУРО НИКЕЛ 2005        89:94 (80-80)

ТФТ – ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ        113:82

НЕДЕЛА:

КОЖУВ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     СТРИМ-ЛИНК

Сала „26.април“- Гевгелија

Работнички – Гостивар   одложено