Ако сакаат да останат во трката за местото број 6, последното кое води во Суперлигата, битолчани мора да бидат подобри од Работнички, а шампионот да не запише два порази по ред, по оној минатиот викенд, против Гостивар на домашен терен.
Веројатно дерби на колото, заедно со мечот во Куманово, каде исто така, во сабота навечер, гостува МЗТ Скопје Аеродром.
Многу поважен дуел за битолчани пред кои се јавува императив на победа, која би ги одржала шансите за место во првата „шесторка“ во Првата лига.
Но свои „математики“ има и Работнички.
„Работнички е екипа за која не треба да се зборува многу, а самиот натпревар ќе биде тежок, во секој поглед. Работнички е екипа за почит, а овој пат во Битола доаѓа со нови засилувања. Ќе имаат нов Американец, а се засилени и со кошаркар од екипата на Куманово. Но, без разлика на сето тоа ние ќе ја работиме нашата работа за да стигнеме до целта. До победа ќе дојдеме тешко, а ќе ни треба многу труд на паркетот. Трениравме одлично, комплетни сме, немаме повредени. Работевме на тактиката, само ни останува да дојдеме до посакуваниот психолошки момент и до победата“- вели Љупчо Малинков, шефот на струката во битолскиот прволигаш пред саботниот дуел со екс-првакот предвиден за 18.часот.
Димитар Мираковски најави, а раководството на Работнички реализира дел од плановите на стручниот тим. Ангажиран е Американецот Дамиер Питс, кој треба да биде екстра дополнение на првата бековска позиција, на која од пред извесно време е и Марјан Младеновиќ.
Претходно, Работнички излезе како победник во дуелот со Куманово, а во „преден план“ излезе Кирил Николовски.
Репрезентативното крило биеше без грешка во обидите за три поени. Ги реализираше сите шест шута зад линија 6.75 метри. И од него се очекува повторно да биде оној „стариот“.
„Знаете дека зад мене беше една незгодна повреда, која полека ја оставив зад себе. Но и средбата со Куманово покажа дека полека се враќам назад, кон формата која што ја посакувам. Се надевам дека за кратко време ќе бидам оној ‘стариот’ Кирил Николовски“.
Што се однесува за саботниот дуел во Битола, вели дека ќе биде доста тешко.
„Со оглед на тоа дека се пренесуваат бодовите за вториот дел од шампионатот, секој меч е битен, па така и овој во Битола. Условите за игра се еднакви, ’ладни’ и за двете екипи, не можеме да побегнеме од тоа. За Пелистер овој дуел е уште поважен со оглед на тоа дека го бркаат она шесто место кое носи во Суперлигата. Но и ние имаме свои пресметки. Со добра игра, пред се во одбраната, мислам дека можеме да победиме во Битола“- смета Николовски.
Барем засега, неизвесно е дали стручниот штаб на „црвено-белите“ ќе може да смета на услугите на Питс, чие доаѓање во главниот град се очекуваше за попладневните часови.
Навистина тежок распоред имаат кошаркарите на Куманово на почетокот на првенствената 2020 година. Минатата седмица беа гости на Работнички во Скопје, вечерва пак ги чека домаќинство на МЗТ Скопје Аеродром...
„МЗТ Скопје е екипа која според квалитетот отскокнува од останатите со кои се бориме за првите шест места. Со оглед на тоа што имаме двајца нови играчи, за разлика од мечот со Работнички, сега имавме доволно време за да се подготвиме за овој натпревар. Пред се, очекувам еден добар натпревар исполнет со борба до самиот крај. Распоредот е таков каков што е. Играме против најголемите фаворити во првенството. Но нема да се жалиме, туку ќе пробаме да бидеме подобри од МЗТ Скопје Аеродром, макар и во овие 40.минути во сабота навечер во Куманово“ – гласат очекувањата на Горјан Марковски, еден од стартерите во тимот на тренерот Александар Петровиќ.
Зад Ѓорѓи Кочов и екипата која ја предводи, МЗТ Скопје Аеродром е едно тешко гостување во АБА 2 лигата, она во Сплит. Заврши поразително по екипата од Аеродром, пред која е уште едно нималку наивно гостување, во Куманово.
„Куманово е засилен и секогаш незгоден противнник на домашен терен. И ќе треба максимален фокус и ангажирање. Овој натпревар треба да го сфатиме максимално сериозно. Со еден вистински пристап можеме да дојдеме до двата бода во Куманово“ – вели кратко тренерот на „металците“.
ФМП не успеа да изненади во мечот со Пелистер, а распоредот во Првата лига посака таква, нова шанса „пантерите“ да имаат овој викенд, во кој ги чека дуелот со Еуро Никел 2005.
Тренерот Игор Гацов имаше проблеми со подготовката за овој меч, на повреда се пожали Димитар Делипетров, Роналд Харис, исто така. Но очекува максимално залагање од сите они кои ќе истрчаат на паркетот во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода.
„Откако добивме некои натпревари, како оној со Работнички, противниците нè сфаќаат многу посериозно. А ние немаме таков ростер со кој можеме да гарантираме победи, туку до нив треба да доаѓаме само со една максимална ангажираност и уште поголема борбеност. Имавме проблеми во подготовката за овој меч, но нема да се жалиме на тоа. Пред нас е една доста искусна екипа која има одлична бековска линија во која се играчи како Петровски, Соколов, Марзет. Добра стартна петорка која досега прикажа квалитетна кошарка, и затоа се во горниот дел од табелата. Екипа за целосен респект од наша страна. Реков и порано, наша примарна цел е опстанокот. И сме усмерени кон дуелите со директните конкуренти. Но секој успех реализиран со екипи од горниот дел од табелата е драгоцен во реализација на нашите замисли. Овој натпревар е еден од тие кои може да ни донесе многу“ – посакува Гацов.
За кошаркарите на Еуро Никел 2005 ова ќе биде добра шанса да го исправат впечатокот кој го оставија на премиерниот меч во 2020 година. Оној на домашен терен минатата сабота, кога загубија од Кожув.
„Тоа е наша прва обврска на овој меч со Академија ФМП“- вели Филип Бакоч.
Младиот кошаркар кој се најде на поширокиот список на селекторот Александар Тодоров, очекува многу подобро издание на Еуро Никел 2005 во „Независна Македонија“.
„Очекувам, пред се, како и секогаш, сериозен пристап кон дуелот со Академија ФМП, без потценување кон противникот, без оглед дали истиот е или бил во долниот дел на табелата. По слабото издание против Кожув, мора да се вратиме во победнички ритам. Да го дадеме нашиот максимум, и секако, да победиме“- дополнува крилото на кавадаречкиот прволигаш.
По втор пат по ред од почетокот на оваа 2020 година, кошаркарите на Кожув играат на гостински терен. Успешно го поминаа тестот во кавадаречки „Јасмин“, а овој викенд ги чека, барем на хартија, нешто „полесно“ гостување во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, против вториот тим на МЗТ Скопје.
Од друга страна пак за младите „металци“ ова е уште една можност дека имаат квалитет, имаат добри игри, кои треба да ги претворат во оној краен ефект – победа во Првата лига.
Во неколку наврати беа навистина блиску избраниците на тренерот Горан Крстевски, а од 16. часот е новата шанса за тоа.
Осоколени по големиот триумф против првакот на Македонија, кошаркарите на Гостивар го очекуваат мечот со Вардар. Во градот завладеа уште поголема еуфорија, која за момент беше нарушена со одлуката на градскиот совет, да не го испочитува резултатите на сино-белите во изминатиот период. Но макар за момент, тоа оди во втор план. Од проста причина што гостиварци ќе настојуваат со нови два бода, оние во мечот со Вардар, да го задржат ко-лидерското место на табелата (имаат само еден поен помалку од МЗТ Скопје Аеродром во кош-количникот).
„Вардарци“ направија она што од нив е бара(ше). Во минатото коло беа подобри од МЗТ Скопје Уни Банка, а ваков тип на натпревари, против поквалитетни противници од себе, се шанса за изненадување.
ПРВА ЛИГА - МАЖИ
ДВОЈКИ 13.КОЛО
САБОТА:
16.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Кожув
Мала сала СЦ „Јане Сандански“ - Скопје
17.30: Академија ФМП – Еуро Никел 2005 (МТВ)
Сала „Независна Македонија “- Скопје
18.00: Пелистер – Работнички
Сала „Боро Чурлевски“- Битола
18.00: Куманово 2009 – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Перо Наков “- Куманово
18.00: Гостивар – Вардар
Сала „Младост “- Гостивар