06.02.2021

Денеска ќе се одиграaт преостанатите три натпревари од ова коло, гевгеличани бараат изненадување во СРЦ „Кале“

14. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Кожув ја користи „неактивноста“ на Работнички?

Денеска ќе се одиграат и другите три натпревари од 14. првенствено коло. За жал, поради пандемијата од коронавирусот, повторно се одложени два натпревари. Поради забележано присуство на вирусот, нема да се играат мечевите помеѓу екипите на Вардар-МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер-ТФТ.

Неделната прoграма започнува од 16.часот, во Струга, ќе играат Црн Дрим Грин мобиле-МЗТ Скопје Уни Банка. Другите две средби ќе се играат од 17.часот. Ќе се сретнат Работнички-Кожув и Куманово 2009 – Академија ФМП

16.00: Црн Дрим Грин мобиле – МЗТ Скопје Уни Банка

Габриел Коскоски од коло во коло игра се подобро и подобро и дефинитивно  се наметнува како стартер во тимот на тренерот Перо Чочороски кој денеска му е домаќин на МЗТ Скопје Уни Банка:

„Натпреварот со  МЗТ Скопје Уни Банка за нас е од големо значење. Пред сè поради фактот што се наоѓаме во иста ситуција. Играат две екипи со ист скор, екипи кои се потпираат на млади играчи, и екипи кои одиграа натпревари кои поради неискуство ги загубија во самата завршница. Нè чека неизвесен, се надевам, и добар натпревар. И нека победи подобриот“- вели младиот стружанец во составот на Црн Дрим Грин мобиле.

Слични се очекувањата на уште еден млад кошаркар, кој настапува за МЗТ Скопје Уни Банка, Андреј Андоноски:

„Како млада екипа, многу често знаеме да избрзаме во клучните моменти на натпреварот. Исто така, цела сезона имаме проблеми со слободните фрлања и убеден сум дека доколку го подобриме тој фактор, ќе има(в)ме повеќе победи. Добро се познаваме со денешниот противник. Доволно добро и знаеме каде згрешивме на претходниот натпревар со нив. Сметам дека сме на многу повисоко ниво како екипа од тогаш, и дека ова е одлична шанса за втора победа оваа сезона“- посакува реванш, крилото на МЗТ Скопје Уни Банка.

17.00: Куманово 2009 – Академија ФМП

Ако се мери според последните резултати, кошаркарите на Куманово 2009 се во некоја предност во пресрет на дуелот со Академија ФМП. Но тоа е само на „хартија“. Како ќе биде на теренот, ќе покажат оние 40.минути во салата на Економското училиште „Перо Наков“ во Куманово.

„Се наоѓаме во добра натпреварувачка форма. За разлика од екипата на ФМП која има три порази по ред, ние имаме четири победи во низа вклучувајќи ги и натпреварите во Балканската лига. Екипата на ФМП ни е еден од директните конкуренти за влез во Суперлигата. Затоа во овој дуел влегуваме максимално внимателно. Играме на домашен терен и имавме доволно време да се подготвиме за овој натпревар. И доколку го исполниме она што се договоривме, очекувам победа“- гласат очекувањата на едeн од најдобрите играчи во редовите на Куманово во досегашниот дел од оваа сезона, Горјан Марковски.

Екипата од Кисела Вода пак сака да излезе од оној период исполнет со негативни резултати.

„Игравме добро, но ги загубивме тие последни натпревари. Два од нив на домашен терен, па сега ќе мора да бараме ‘поправен’ на некое од следните гостувања. Мечот со Куманово е првиот во календарот. По промената на тренерот играат навистина подобро, па работата ќе ни биде уште потешка. Верувам дека можеме да играме и подобро отколку на претходните неколку средби и дека можеме да победиме на ова тешко гостување во Куманово “- вели Лука Петровски, кој ќе ги чека своите минути од тренерот Александар Петровиќ против клубот во кој заедно беа до пред извесно време.  

17.00: Работнички – Кожув       МТВ

Инамо се игра 14.коло, за кошаркарите на Работнички ова ќе биде само осмиот меч во првиот дел од сезоната. Зад „црвено-белите“ е голема пауза кој, по втор пат од почетокот на првенството им ја „донесе“ коронавирусот, присутен во нивните редови. Забележан уште на 19. јануари, пред да заминат на турнирот во Бања Лука како дел од вториот „балон“ во регионалното натпреварување.

Моменти кои му се, и тоа како, познати на тренерот на Кожув, Александар Јончевски, кој тука и ја гледа шансата за успех на вечерашниот дуел во СРЦ „Кале“.

„Добрата игра во последното коло треба да ја потврдиме во наредното каде му гостуваме на Работнички. Иако несомнено се фаворити, верувам дека токму во овој момент се најранливи, неспремни и дефокусирани со сите необјасниви работи што им се случија последниве недели. Прво Ковид, потоа неучество во АБА2 ‘балонот’ во Бања Лука, по 15 годишно отсуство од интернационално натпреварување. И на крај заминување на играчи. Пред сè им посакувам добро здравје на играчите и стручниот стаб, бидејќи во оваа ситуација здравјето е примарно за сите нас. А  резултатот е секако битен, но во овој момент, за жал, во втор план. И нашиот тим се соочува со здравствени проблеми на играчи. Овојпат, поради повреди нема да настапат Шалев и Бешлиовски. Но настап без комплетен состав оваа сезона за нас е секојдневие. Оттука, верувам дека ова нема да влијае да ја повториме играта од последното коло“- коментира некогашниот играч и тренер на тимот од „Градски парк“.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 14.КОЛО

ДЕНЕСКА:

16.00: Црн Дрим Грин мобиле – МЗТ Скопје Уни Банка

Спортски центар „Тими“ - Струга

17.00: Куманово 2009 – Академија ФМП

Сала Економско „Перо Наков“ - Куманово

17.00: Работнички – Кожув       МТВ

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

ПРЕТХОДНО ОДИГРАН НАТПРЕВАР:

Еуро Никел 2005 – Гостивар     89:99

ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ:

Пелистер – ТФТ

Вардар – МЗТ Скопје Аеродром