07.02.2021

Одлучија последните четири минути во кои кумановци погодија две клучни тројки за триумф над Академија ФМП (72:66)

14. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Куманово ја „реши“ и Академија ФМП

Се „бркаа“ цели 36.минути, пресудија последните четири. Во корист на Куманово 2009. Имаа(т) „сино-белите“ играчи како Ѓекиќ, како Ливингстон кои знаат кога треба да погодат, за нивниот тим да победи

КУМАНОВО 2009 – АКАДЕМИЈА ФМП          72:66

Целосна резултатска неизвесност беше присутна во првата четвртина. Ниту една од двете екипи не го направи оној „почетен притисок“. Иако во два наврати, кумановци имаа позитива од четири поени (11:7) и (14:10), на истекот на 10.минути беше нерешено (22:22).

А на половина од втората четвртина, Куманово се одвои на плус 7 (33:26), доволно за тренерот на гостите, Александар Петровиќ да побара тајм-аут.

Но уште еднаш гостите успеаја во обидите да го стигна и тоа водство, и на полувремето повторно резултатот да биде израмнет (35:35).

„Трилингот“ Робев-Ливингстон-Ѓекиќ даде 30. од тие 35.поени на домашната екипа.

А ниту по оние 15.минути за одмор, не донесоа апсолутно никаква промена во играта на двете страни.

Двете екипи го држеа ритамот, иако не баш ефикасен. Не дозволуваа никакво резултатско „бегство“. Па израмнета беше и третата четвртина од дуелот во Куманово.

Промена беше што Академија ФМП беше екипата со предност од четири поени (49:45), во 26.минута. Но, ништо повеќе од тоа, затоа што и третата четвртина беше во егал (54:54).

Не беше ништо ново, односно да стои констатацијата дека исто беше „сценариото“ во играта и во четвртината на одлука на овој веројатно најизедначен меч досега во шампионатот.

На 4:16 минути пред крајот беше (59:59), а потоа падна одлуката...

Куманово се одвои на пет поени плус (66:61), а се чини дека тројката на Ливингстон, за (69:64) беше клучниот момент за победа на домашната екипа. Наредната, која дојде од Ѓекиќ беше за потврда на триумфот.

Кумановци го одиграа 10.натпревар во првенството, по кој дојдоа на скор (6-4), додека пак Академија ФМП има три повеќе, со ефект (6-7).