29.01.2022

Слави шампионот со убедливи (81:67) против кавадаречкиот состав

14. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: МЗТ Скопје Аеродром е непобедлив за Еуро Никел 2005

МЗТ Скопје Аеродром без никакви проблеми стигна до победа во веројатно најинтересниот дуел од 14. првенствено коло. Оној против нивниот предизвикувач во ланската плеј-оф серија во која ја одбранија шампионската титула – Еуро Никел 2005.

МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005  81:67

Шампионот ја имаше почетната предност во оваа своевидна „реприза“ од ланското издание на финалето на плеј-офот. Се стекнаа “сино-белите“ со почетна предност од (21:15) во десет минути од дерби-дуелот на ова 14. коло

Но по 13. минути од играта веќе беше нерешено (23:23), откако гостите од Кавадарци направија убава серија од (8-2).

Блескаше Џордан Калахан кој реализираше дури 14 (4/5 за три), од тие 23. поени за Еуро Никел 2005.

По тројката на Димчевски, гостите дури и поведоа со (26:23). Водеа и со (30:29) во 17.минута, по што уследи серијата на „металците“ од (8-0) со која го вратија водството, на полувремето водеа со (37:32).

Со 11 поени кои дојдоа до Крстевски, осум имаше Милошевиќ, а по шест реализации Мекиќ и Рикиќ.

Второто полувреме донесе уште подоминантна игра на домаќинот. Стегаа „сино-белите“ во одбраната, пред се. Им дозволија на кавадарчани да реализираат само 12 поени. На другата страна дадоа 20, доволно за убедливо водство по три одиграни четвртини (57:44).

Беше уште поголемо по само две минути игра од последниот дел, кога по серијата (9-2) МЗТ Скопје Аеродром имаше „вишок“ од 20.поени (66:46). Недостижен за нивниот предизикувач во ланската финална серија до плеј-офот.

По 14. одиграни натпревари, бранителот на титулата има скор (11-3), додека пак Еуро Никел 2005 се симна под половичниот ефект. Имаат кавадарчани скор од шест победи и седум порази. И еден натпревар помалку, оној кој не го одиграа во претходното коло, против екипата на ТФТ.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 14. КОЛО

Навико Академија ФМП – Кожув       92:64

ТФТ – Куманово 2009     109:100

Гостивар – МЗТ Скопје Уни Банка      106:85

МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005  81:67

ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ

09.02: Ангели – Работнички

02.03: Феникс 2010 – Пелистер

ТАБЕЛА: Пелистер 13-0 (-1), МЗТ Скопје Аеродром 11-3, Гостивар 9-5, Навико Академија ФМП 9-5, Феникс 2010 7-6 (-1), Работнички 7-6 (-1),ТФТ 7-6 (-1), Еуро Никел 2005 6-7 (-1), Кожув 5-9, Куманово 4-10, МЗТ Уни Банка 2-12, Ангели 1-12 (-1);