27.02.2021

Вечерва во директен дуел во Куманово, ќе одлучат кој подобро ја „поминал“ паузата во шампионатот

15. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Чија серија ќе (по) трае, онаа на Куманово или на Гостивар?

По паузата која ја услови настапот на нашиот сениорски национален тим во квалификациите, продолжуваат натпреварите во Првата лига

И тоа со 15. првенствено коло кое нема да биде комплетно во целост, затоа што поради настап на МЗТ Скопје Аеродром на АБА 2 на турнирот во Сараево, овој викенд нема да се игра средбата ТФТ-МЗТ Скопје Аеродром.

Согласно со делегирањето, за сабота се предвидени три, и уште два меча се на неделната програма.

18.00: Куманово 2009 – Гостивар

Веројатно најинтересниот дуел од ова првенствено коло во кој се среќаваат две екипи кои претендираат за горните позиции во шампионатот.

Но и за двете е важно како ќе се снајдат по првенствената пауза, особено Гостивар (8-3), екипа која влезе во серија од неколку победи, кои ги донесоа на второто место на табелата.

Марјан Јанески добро знае со кого ќе имаат работа на вечерашниот меч.

„Сакаме да ја продолжиме победничката серија. Тоа е нашиот план за ова гостување. Знаеме дека никогаш не е лесно да се игра во Куманово. Но добро ги познаваме условите, имаме во нашата екипа играчи кои биле дел од Куманово во минатото. Факт е дека паузата нè одалечи од натпреварувачкиот ритам. Но така е и за нашиот вечерашен противник“.  

Кумановци имаа добар ритам, во меѓувреме обезбедија и пласман во вториот круг на натпреварите од БИБЛ лигата. Во изминатиот период беа без услугите на Дамјан Робев кој имаше обврски со сениорската репрезентација на турнирот во Русија.

„По прекинот во првенството, денескс играме против една респектабилна екипа која цели кон висок пласман. Ние сме во една победника серија, и гледаме истата да ја продолжиме и по одигрувањето на овој меч. Нашата цел е влез во Суперлигата. И за да го оствариме тоа немаме право на многу грешки. Очекувам неизвесен натпревар против екипата на Гостивар“ – вели репрезентативецот од редовите на „сино-белите“ од Куманово (скор 6-4).

18.00: Еуро Никел 2005 – Работнички

Овие 40.минути ќе бидат вистински тест за двете екипи. Пред се да видат со каков „материјал“ располагаат за она што следува во наредниот период. За гостите од Скопје проверка пред тргнувањето за Сараево каде следната седмица ги чека уште еден од оние т.н. „балони“ во АБА 2 конкуренцијата.

Двете екипи променија доста работи во своите играчки ростери. Особено скопските „црвено-бели“ кои во паузата ангажираа дури тројц играчи. Нови кошаркари на Работнички (5-3) се Мирко Мулалиќ, Филип Бундовиќ и Рајнер Торнтон.

Менуваа и кавадарчани. Нови играчи во тимот на тренерот Горан Самарџиев се Марко Перовиќ и Џексон Рајан Дубински кои се очекува да дебитираат за Еуро Никел 2005 (7-4) на овој важен натпревар за двете екипи кои целат кон горните позиции на шрвенствената табела.

18.00: Академија ФМП – Црн Дрим Грин мобиле

Меч на две екипи чија форма и резултати се по нивните очекувања. Особено тоа се однесува за Академија ФМП (6-7),  која врза неколку порази, дел од нив на домашен терен каде до скоро беа и непобедливи.

Уште потешка е ситуацијата за струшкиот прволигаш, кој 14.одиграни мечеви, има само еден, единствен триумф.

„Тоа е една релативно млада, и што е исто така важно, домашна екипа, во која одлично се дополнуваат играчи како Херис, Крстајиќ и Атанасов. Загубија некои мечеви кои можеа да ги добијат. Слично е и со нас. Па оттука очекувам еден ‘отворен меч’ во кој екипите нема да калкулираат, туку ќе пробаат да остварат некоја поопиплива предност уште на самиот почеток, која овозможува и многу покомотна игра“- вели тренерот на струшкиот прволигаш, Перо Чочороски пред гостувањето во Кисела Вода.   

„После паузата од скоро месец дена и лошите резултати во претходните натпревари, ни доаѓа екипата на Црн Дрим. Нивниот резултат на табелата не треба да нè лаже. Мораме да влеземе максимално сконцентрирано од самиот почеток во натпреварот. Да го испочитуваме договорот и да се вратиме на победничкиот колосек“- смета најдобриот поединец на Аакадемија ФМП во оваа сезона, Стефан Крстајиќ.

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

ДВОЈКИ 15. КОЛО

САБОТА:

18.00: Куманово 2009 – Гостивар

Сала „Перо Наков“ – Куманово

18.00: Академија ФМП – Црн Дрим Грин мобиле

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

18.00: Еуро Никел 2005 – Работнички

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

НЕДЕЛА:

16.30: МЗТ Скопје Уни Банка – Пелистер

Мала сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

17.00: Вардар – Кожув

Сала на КК „Вардар“ – Скопје

ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР:

ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром