Само еден од предвидените шест натпревари од 15. коло ќе се игра денеска. Оној во Куманово, каде кумановските „сино-бели“ ќе ги пречекаат оние од Аеродром.
Куманово секогаш бил незгоден ривал за фаворитите во домашното првенство, па така се очекува да биде и вечерва, на дуелот со МЗТ Скопје Аеродром.
До крајот на основниот дел од сезоната, на кумановци им претстои тешка битка за влез во Суперлигата, а за да го остварат тоа, потребен им е еден голем скалп. Желбата е тоа да биде шампионот иако тренерот Владимир Мирковски не сака да им прави дополнителен притисок на своите кошаркари.
Олеснителна околност за него и соработниците е „појавата“ на Александар Андрејевиќ, кој ја одработи казната која ја доби во минатата сезона, па ќе биде на располагање за вечерашниот дуел во салата „Перо Наков“.
„За првпат сме комплетни, немаме болни и повредени кошаркари, ни се приклучува и Андрејевиќ чие отсуство се почувствува на натпреварите со Гостивар и ТФТ. МЗТ Скопје е актуелен шампион и освојувач на купот, зад Куманово е еден турбулентен период во кој успеавме да се консолидираме, покрај сите проблеми сезонава. Тренираме напорно и на двата претходни натпревар бевме блиску до победа, но во одлучувачките моменти немавме концентрација во нападот и одбраната“- вели тренерот Владмир Мирковски.
Неговиот колега на другата страна од теренот, Дарко Радуловиќ, ќе има сериозни пробеми да го состави најдобриот ростер.
Извесно е дека во Куманово нема да игра репрезентативецот Адем Мекиќ, здравствени проблеми има младиот Митевски, а прашање е колку може да помогне најновото засилување на „сино-белите“, Морис Кари.
Војдан Стојановски, најголемата аквизиција на првакот, ќе почека на дебито во „сино-белиот“ дрес. Многу поизвесно е дека тоа ќе го направи на претстојниот турнир од АБА 2 лигата во Бања Лука, поради кој нашиот претставник во регионалното натпреварување и порано го игра овој натпревар.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 15. КОЛО
2.ФЕВРУАРИ (СРЕДА):
19.00: Куманово – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Перо Наков“ – Куманово
https://youtu.be/O-7bFrbwoMs
3. ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК):
18.00: Кожув - Пелистер
Сала „26. Април“ – Гевгелија
6. ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА):
17.00: МЗТ Скопје Уни Банка – ТФТ
Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ - Скопје
8. ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК):
18.00: Еуро Никел 2005 – Навико Академија ФМП
Сала „Јасмин“ – Кавадарци
15.ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК):
19.00: Работнички – Гостивар
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
24. ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК):
18.00: Ангели – Феникс 2010
Сала „Независна Македонија“ - Скопје