Дуелите на вечните ривали против Академија ФМП и Еуро Никел 2005 ќе го затворат ова коло по кое следува пауза во шампионатот...
Што ќе донесе тренерската смена во Академија ФМП која се случи во текот на работната седмица?
Многу работи ќе бидат појасни по вечерашниот дуел против топ-фаворитот и лидер во македонскиот шампионат, МЗТ Скопје Аеродром.
Дали Владимир Мирковски ќе ги усмери „академиците“ (скор 3-11) кон „мирно море“ и опстанокот во друштвото на најдобрите?
Веројатно е дека имаше малку време да се подготви за еден така голем предизвик каков што со себе носи играње против веројатно најквалитетниот тим во лигата.
Но тоа пак е и дополнителен мотив за сите во клубот дебитант во Првата лига. Да се даде се од себе во обидот да се креира резултат.
Еднаш им појде од рака на „сино-белите“ да изненадат, навистина против Работнички. Но, зошто тоа не би се случило и на дуелот од 17.часот во салата „Независна Македонија“ во Скопје, против уште едно големо име во мак-баскетот.
„Она што можам да го ветам е една нова енергија, еден ентузијазам во играта на ФМП. И навистина не би сакал да предвидувам нешто, во стилот, што и како до крајот на првенството. Ова е предизвик за мене како тренер“- кажа Мирковски по превземањето на функцијата.
Од друга страна „металците“ се далеку од некоја идеална форма, особено тоа се однесува за мечевите во АБА 2 лигата каде врзаа неколку порази.
Но ова е едно друго натпреварување во кое момците на Ѓори Кочов засега ја оправдуваа(т) улогата на фаворит број 1 (ефект (11-3).
Иста е констатацијата и за овој меч, во кој „аеродромци“ влегуваат како апсолутни фаворити.
Дуел на два скоро изедначени противници за што говори и односот на победи и порази и изгледот на табелата (двете екипи се на ефект 10-4) во Првата лига.
Така се очекува да биде и во текот на 40.минути од играта во „Градски парк“. А победникот ќе му се приклучи на Гостивар, кој прв стигна до бројката од 11.победи во првенството кое, поради настапите на нашиот сениорски национален тим во квалификациите за ЕП 2021, ќе паузира се до 27.февруари.
„Дерби натпревар во кој Работнички е фаворит. Пред се поради домашниот терен. Секако плус за нив се новите играчи и враќањето на Николовски“- вели Горан Самарџиев, кој става и едно големо, но пред да ја продолжи изјавата во пресрет на овој меч.
„Но, ние не одиме со бело знаме во ’Градски парк’. И ние имаме свои адути кои ќе гледаме да ги искористиме. Тоа е моја сала, и знам што треба да им кажам на моите играчи. Што да очекуваат, и што ги очекува таму. Јас очекувам полна сала и убава кошарка од двете екипо, па нека победи подобрата“- дополнува тренерот на кавадаречкиот прволигаш.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 15.КОЛО
НЕДЕЛА:
17.00: Академија ФМП – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Независна Македонија“ - Скопје
18.00: Работнички – Еуро Никел 2005
Сала „Градски парк“- Скопје
ПОРАНО ОДИГРАНО:
Пелистер – Вардар 96:81
Куманово 2009 – Кожув 79:67
Гостивар – МЗТ Скопје Уни Банка 89:69