11.02.2022

Поради обврските во АБА 2 лигата, Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром ќе ги играат своите натпревари со мало зaдоцнување...

16. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Коло како генерална „проба“ за финалниот турнир „Благоја Георгиевски-Буштур“

Во сабота ќе се одиграат четири натпревари од 16. коло. Очекувано, поради обврските кои ги имаат во „балонот“ во Бања Лука, екипите на МЗТ Скопје Аеродром и на Пелистер своите мечеви од овој круг од натпреварите ќе ги одиграат со мало задоцнување.

Три од нив ќе се играат во ист термин, од 18.часот.

Саботната програма ќе ја отвори дуелот во салата „Независна Македонија“, во која екипата на Навико Академија ФМП го дочекува Куманово 2009, во обид да го поправи впечатокот кој го остави на последното гостување во Кавадарци.

Од друга страна, кумановци сеуште се со теоретски шанси за место во првата „шесторка“, но во наредните кола, до крајот на регуларниот дел, се без право на грешка.

„Соседското дерби“ е во СРЦ „Кале“ каде во улога на домаќин е екипата на ТФТ. „Црно-белите“ имаа добри моменти на последното гостување во кавадаречки „Јасмин“... Беа блиску до победата против Еуро Никел 2005, но останаа без концентрација во минутите на одлука.

Работнички сака да излезе од кризниот период, најавени се засилувања, но извесно е дека истиот состав ќе биде на располагање на новиот тренер Игор Михајловски и за овој натпревар.

Кошаркарите на Ангели патуваат за Гостивр каде ќе се обидат еуфоричната слика да ја пренесат на теренот во салата „Младост“ во обид да ги продолжат оние мигови за историја на скопскиот прволигаш.

Но свои математики дефинитивно имаат и гостиварци, кои сакаат да ја потврдат позицијата број 3, на која се во овој момент, чекајќи киксови на водечкиот двоец, кој своите мечеви ќе ги игра во понеделник, односно во вторник.

Помеѓу овие два натпревари, во сабота од 20. часот (пренос на МРТ3), екипата на Феникс 2010 го пречекува гевгелиски Кожув.

Зад најпријатното изненадување во лигата е една поголема пауза која ја предизвика присуството на корона вирусот, и време во кое нивниот противник го искористи за унапредување на играчките ресурси, но и играта потребна за успе(х)си.

Шампионот има нешто полесна задача бидејќи игра против својата „филијала“, МЗТ Скопје Уни Банка (понеделник, од 18.00).

Колото број 16 ќе биде затворено на 15. февруари (вторник), со средбата во Битола, каде лидерот во шампионатот, Пелистер го дочекува кавадаречки Еуро Никел 2005, со јасна намера, да ја продолжи серијата на победи која досега е на бројката 14.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 16. КОЛО

САБОТА:

18.00: Навико Академија ФМП – Куманово 2009

Сала „Независна Македонија“ - Скопје

https://youtu.be/ul28uGqjVBU

18.00: ТФТ – Работнички

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

https://youtu.be/qvBEEEkruW4

18.00: Гостивар – Ангели

Сала „Младост“ – Гостивар

https://youtu.be/m1UnzjGQ8Sw

20.00: Феникс 2010 – Кожув (МРТ)

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/5iqrIe9yz60

14. ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК):

18.00: МЗТ Скопје Аеродром – МЗТ Скопје Уни Банка

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/h43he4uMECA

15. ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК):

18.30: Пелистер – Еуро Никел 2005

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

https://youtu.be/fPK0J8wFdvw