Ова 16. коло од Првата лига го носи и најголемото дерби во македонската кошарка. Овојпат, поточно оваа недела, ќе се игра вечерва (17.30 часот), во СЦ „Јане Сандански“ каде во улога на домаќин, ќе биде МЗТ Скопје Аеродром.
Паузата „предизвикана“ со февруарскиот„прозорец“ на ФИБА, односно одигрување на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2021, важеше многу повеќе за кошаркарите на Работнички. Без ниту еден актуелен репрезентативец, црвено-белите“ можеа да тренираат во полн состав. Згора на тоа и направија малку промени во играчкиот ростер. Во „Градски парк“ повеќе не е Горан Главчев (ја прифати понудата за премин во Академија ФМП), а ново име во тимот на Димитар Мираковски е српскиот интернационалец, Стефан Балмазовиќ.
Од друга страна, една комплетна петорка на МЗТ Скопје, со се првиот тренер, Ѓорѓи Кочов, беше ставена на располагање на нашиот национален тим за дуелите со Естонија и со Русија. Многу помал простор за маневар на „металците“ и подготовка за овој дуел, 151. по ред во историјата.
Меч во кој по подолго време и двете екипи се на првите две позиции на табелата. Со забелешка дека пред последните три кола од регуларниот дел, МЗТ Скопје има победа повеќе во однос на првите пратители (освен Работнички тука е и Гостивар).
Освен тоа, во меѓувреме,, „сино-белите“ веќе одработија и еден меч од АБА 2 лигата (против Динамик), на кој отсуствуваше еден од стартерите, Бојан Крстевски. Но во овие неколку дена репрезентативното крило ги надмина здравствените проблеми и најверојатно ќе му се стави на располагање на Кочов за дербито кое овојпат носи и битка за првото место на табелата во пресрет на новата Суперлигашка фаза во шампионатот.
„Во моментов Работнички можеби има најкомплетен и најискусен состав во нашата лига, а и играат се подобро. Ова нема да биде дерби како останатите, бидејќи ќе биде одиграно пред празни трибини.
На овој меч нивна најголема предност ќе биде тоа што имаа три недели да се подготвуваат за овие 40.минути, наспроти нас, кои за тоа имаме само еден ден. Но, нема да ’плачеме’, играме дома, и очекувам сосема различна спремност за борба на нашиот тим за разлика од онаа од пред два дена. Очекувам секој играч кој ќе влезе во игра да се бори максимално, за секој сантиметар од паркетот“- гласат очекувањата на тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.
Пред дербито говори и првиот тренер на Работнички, Димитар Мираковски.
„Жалам што натпреварот ќе се одигра без присуство на публика. Спортот е тоа, забава за народот, се игра поради публиката. Меѓутоа, таква е ситуацијата и ние не можеме ништо против тоа. Имавме една подолга пауза од која, за жал, не извлековме некоја голема корист. Имавме неколку повредени играчи, и мака мачевме со бројот на играчи способни за тренинг. Меѓутоа, очекувам сите да стиснат заби за денешниот натпревар бидејќи сите добро знаеме што значи да се игра против МЗТ Скопје. Имаме и нов играч кој полека се вклопува во тимот. и како одминува времето очекувам да бидеме се подобри.
МЗТ Скопје е многу квалитетен тим и за да победиме мора да одиграме многу квалитетен натпревар, и во одбраната и во нападот. И тие имаат некои играчки промени, а и покрај поразот од Динамик, тие се во еден понатпреварувачки ритам во однос на нас“.
И Вардар и Академија ФМП направија одредени измени во играчкиот кадар. „Вардарци“ го донесоа високиот центар Коне, додека пак „академиците“ се засилија со Горан Главчев и Тај Харис на бековската позиција.
Се во обид да се стигне до победа со која победникот од неделниот дуел „Под Кале“, ќе биде чекор поблиску до опстанокот во друштвото на најдобрите.
„Ќе биде натпревар на мотивација. Сигурно е дека двете екипи ќе излезат на терен добро подготвени, со оглед на паузата поради настапите на репрезентацијата. ФМП е многу сериозна екипа, сега засилена со две играчки дополнувања. Квалитетни кошаркари кои можат да направат разлика на теренот. Ние имаме едно засилување во ростерот. Очекуваме на домашниот паркет да излеземе максимално мотивирани и желни за победа. ФМП е благ фаворит, но нашата тимска атмосфера е на највисоко ниво. И ќе се обидеме да стигнеме до мошне важните бодови. Очекувам голема битка на двете страни од теренот“- вели тренерскиот предводник на „црвено-црните“, Дарко Радуловиќ.
Неговиот колега на другата страна, Владимир Мирковски ја потенцира важноста на овој натпревар.
„Ова е многу важен натпревар за нас. Се подготвуваме доста сериозно и спремни сме да го дадеме својот максимум. Тај Харис и Горан Главчев се нови имиња кои ќе ја продолжат ротацијата во екипата. Се надевам дека ќе ни помогнат во борбата за опстанок во Првата лига“.
Двојната неделна кошаркарска програма во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде затворена со мечот помеѓу екипите на МЗТ Скопје Уни банка и Куманово 2009.
Дуел во кој гостите од Куманово се фаворити, но тоа ќе мора да го потврдат и низ оние 40.минути.
Не треба да се заборави дека пред неполн месец, кумановци беа во една слична ситуација, на гостувањето кај Вардар каде до победата стигнаа буквално во последната минута од играта.
Веројатно добра поука за „сино-белите“ дека нема никакво потценување на противникот, без оглед на тоа што во претходните 15. кола младите „металци“ се без триумф во прволигашката конкуренција.
По добиената препорака од Владата на РСМ до сите спортски институции, натпреварите во периодот до 6. март 2020 година да се играат без присуство на публика, раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија донесе одлука дека сите натпревари кои се во организација на федерацијата ќе се одиграат без присуство на публика.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 16.КОЛО
Кожув – Пелистер 95:75
Еуро Никел 2005 – Гостивар 83:69
НЕДЕЛА:
17.30: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички (МТВ)
СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
19.30: Вардар – Академија ФМП
Сала на КК „Вардар“ – Скопје
20.15: МЗТ Скопје Уни Банка – Куманово 2009
СЦ „Јане Сандански“ - Скопје