Денеска три, во недела уште една средба ќе има како дел од 16. коло од Првата лига.
Пред се затоа што поради обврските во АБА 2 во текот на оваа седмица (завршуваат во недела навечер), ова коло ќе го прескокнат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички...
Сите четири ќе се играат „надвор од Скопје“, а се чини дека најинтересен ќе биде дуелот во Куманово каде гостува екипата на Еуро Никел 2005.
16.00: Црн Дрим Грин мобиле – Гостивар
Дуелот со ранетиот Гостивар (скор 8-5), ќе биде нова можност за младиот тим на Црн Дрим Грин мобиле (1-14) да дојде до макар вториот триумф во шампионатот. Нема да им биде лесно, особено ако се земе в предвид дека гостиварци ќе сакаат да поправат доста работи, и да се вратат на победничкиот колосек во Првата лига.
„Играме натпревар со екипата на Гостивар, екипа која игра под притисок на победа. Што се однесува до нас, имаме промени во клубот со заминувањето на неколку кошаркари, така што товарот на играта ќе треба да го понесеме ние помладите, што е тешко меѓутоа не се плашиме од предизвикот. Мислам дека денесниот натпревар ке биде најинтересен во ова коло“ - вели Дамјан Миса кој се повеќе се наметнува со своите игри на позицијата 1 во струшкиот колектив.
За Гостивар ова ќе биде и трет натпревар по ред на гостински терен. Последните два во Куманово и во Гевгелија, избраниците на Марјан Србиновски ги загубија. Па пред нив е еден императив на успех во Струга.
„Нема друго, мора да победиме денеска. Во спротивно, мислам дека ќе се најдеме во една мошне лоша ситуација, без оглед на тоа што е далеку крајот на првата фаза од првенството. Нема да се навраќаме на она што беше, гледаме на она што следува. Мислам дека сме поквалитетна екипа од Црн Дрим, но тоа ќе треба да го потврдиме на теренот. Нема опуштање против ниту една екипа, па ниту против онаа од Струга“ - вели Александар Костоски
18.30: Пелистер – Академија ФМП
„Даниел Нацевски во минатата сезона беше дел од екипата на Академија ФМП. „Денеска“ е дел од битолски Пелистер, првопласираниот тим во Првата лига: „Нè очекува еден тежок натпревар против ФМП. Таму одигравме добро. Овде ќе треба да одиграме исто така. Ќе мора да го добиме затоа што се искомплицираа работите во лигата. Секој секого може да победи. Ќе бидеме фокусирани, ќе излеземе на теренот 100% подготвени и очекувам да победиме“.
Слично размислува и Чез Вилијамс: „Победивме на минатиот натпревар, покажавме вештини и знаење. Секогаш треба да бидеме позитивни. Играме против едeн добар, силен тим како што е ФМП. Треба да ја одиграме нашата најдобра кошарка. Да се грижиме за сите работи на теренот...“
Академија ФМП (7-7) ќе ги бара своите шанси на гостувањето во Битола.
„Пелистер е лидер во првенството. Досега имаат најголем успех, заслужено се таму каде што се. Играат ефикасна кошарка, па на нас ќе биде да ги сопреме во тие офанзивни движења. Да се обидеме да го спуштиме бројот на примени поени на што е можно понизок. Нема да биде лесно, имаат добар и долг ростер. Не играат само стартерите, што им носи предност плус. Но кај нас не псотои зборот предавање. Одиме да се надигруваме со 'пелистерци', што ќе биде, останува да видиме“ – вели шефот на струката Александар Петровиќ пред гостувањето во „неговата“ Битола.
19.00: Куманово 2009 – Еуро Никел 2005
Само за момент, кошаркарите на Куманово 2009 (7-4) го загубија победничкиот чекор. Но во лигата на Балканот. Сакаат да го продолжат оној во домашното првенство, каде според календарот, вечерва им гостува екипата на Еуро Никел 2005 (7-5)
„Очекувам исклучително тежок и интересен натпревар против Еуро Никел 2005. Екипата од Кавадарци е една од нашите ‘директни’ конкуренти за влез во Суперлигата. Согласно со тоа ова ќе биде многу важен натпревар за двете екипи. Се наоѓаме во добра форма, иако го загубивме последниот натпревар во БИБЛ лигата каде настапивме некомплетни. Со добра игра и доколку го испочитуваме она што се договараме, се надевам на позитивен резултат“- потенцира Горјан Марковски, пред вечерашната средба.
И Горан Самарџиев, првиот тренер на Еуро Никел 2005 признава дека кумановци се екипа во налет:
„Куманово е тим во налет, и играат навистина добро во овој период. Но ние знаеме од каде доаѓа најголемата опасност и ќе гледаме тоа да го затвориме и искористиме. Нема калкулации одиме на победа како и на секој натпревар до сега. Нека победи подобриот и очекувам вистински дерби натпревар“- смета Самарџиев пред ова нималку лесно гостување.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 16.КОЛО
САБОТА:
16.00: Црн Дрим Грин мобиле – Гостивар
Спортски центар „Тими“ - Струга
18.30: Пелистер – Академија ФМП
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
19.00: Куманово 2009 – Еуро Никел 2005 (МТВ)
Сала „Перо Наков“ - Куманово
НЕДЕЛА:
17.30: Кожув – ТФТ
Сала „26.април“ – Гевгелија
ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ:
МЗТ Скопје Аеродром - МЗТ Скопје Уни Банка
Работнички - Вардар