06.03.2021

Во првите десет минути битолчани направија предност (36:19), довопна за нов триумф (100:72) против Академија ФМП

16.КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Перфектна прва четвртина на „пелистерци“, доделија уште една „стотка“

Кошаркарите на Пелистер ја оправдаа улогата на фаворит во дуелот со Академија ФМП. Од самиот почеток битолските „зелено-бели“ беа многу подобар противник. Уште во првата четвртина обезбедија комотно водство, доволно да ја впишат и 12. победа во првенството. И успешно да ја бранат најдобрата позиција на табелата

ПЕЛИСТЕР – АКАДЕМИЈА ФМП  100:72

Предводени од одличниот Трајковски, домаќините брзо остварија доминација. И во играта и во резултатот. По деветтиот поен на репрезентативното крило, „зелено-белите“ имаа плус од девет поени (20:11), па по само шест минути гостинскиот тренер Александар Петровиќ повика ран тајм-аут.

Без посакуван ефгект, затоа што Стајиќ, со својот седми поен во уводниот дел, донесе уште повисоки (26:14).

Сериозни проблеми во играта во одбраната имаа гостите од Скопје уште во почетната четвртина. Примија дури 36.поени, дадоа само 19, и рано влегоа во огромна негатива.

Перфектна за Трајковски кој собра 14.поени, со безпрекорна реализација, 2/2 за три и 4/4 за два поени, плус и четири скока.

Нешто сличен ефект и на Кесар, 11 поени (3/4 за два и 5/6 за еден поен), доволно за доминацијата на Пелистер.

Затоа Петровиќ мораше многу брзо да го „потроши“ и својот втор тајм аут, По само две и пол минути од втората четвртина, Пелистер имаше плус 20 (45:25).

На битолчани им беа потребни само 15.минути да ја надминат бројката од 50.дадени поени, а Малешевиќ стана третиот двоцифрен играч на „зелено-белите“ со 10.реализации.

Доволно за тренерот Марјан Илиевски да ја изротира својата најдобра петорка, и да отвори простор на „резервната“. За мала промена во резултатот (57:41) на истекот на 20.минута.

Во второто полувреме, малку поинакво, многу подобро издание на гостинската екипа. Преку бековскиот двоец, Крстајиќ-Херис, стигнаа „црните“ до едноцифрен минус од девет поени (52:61) во средината на третата четвртина.

Но Стајиќ, Малешевиќ, потоа и Трајковски, го вратија „зелено-белиот“ тим во „мирни води“ (70:53),за третиот дел од играта финишира со (77:58).

Такви „потреси“ во резултатот немаше во последната делница од натпреварот.

За Пелистер ова беше 12.победа во 14.одиграни мечеви, за чување на позицијата број 1 во Првата лига. По овој пораз во Битола, Академија ФМП пак е на ефект од 7.победи и 8.порази.

ФОТО: Димитар Петковски