06.03.2021

Со одличен финиш, кавадарчани стигнаа до мошне важен триумф на гостувањето во Куманово (79:78)

16.КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пресврт-победа за Еуро Никел 2005!

Очекувано, израмнет натпревар одиграа екипите на Куманово 2009 и Еуро Никел 2005. Исполнет со доста промени на водството. Без преголеми предности на двете страни од теренот.

На крајот, по 40.минути жестока битка во салата „Перо Наков“ во Куманово, победата им припадна на кошаркарите на Еуро Никел 2005

КУМАНОВО – ЕУРО НИКЕЛ 2005         78:79

Со две тројки и водство од (8:2) отворија гостите од Кавадарци. Но брзо кумановци го вратија резултатот во нормала (10:10).

Идентични (17:17) стоеја на семафорот и по седум минути, за тој прв период заврши со предност за домашната екипа (24:20).

По заслуга на репрезентативецот на Куманово, Дамјан Робев, кој комплетираше 13.поени (5/6 во шутот од поле) во уводната четвртина.

Со серија од (7-2) Еуро Никел 2005, со десет поени на новакот Дубински, дојде во предност (32:28). Па тренерот на домаќините Игор Ѓорѓиевски по само 3:42 минути игра од втората четвртина, да побара минута одмор.

Тоа донесе резултат, подобро кажано, почна да погодува Марковски, и со неговите осум поени, „сино-белите“ одново преминаа во водство кое го сочуваа до полувремето (43:39).

По нецели девет минути во третата четвртина кумановци стигнаа до највисоката предност (65:54). На Робев и Марковски, меѓу „двоцифрените“ им се придружија Ливингстон, а со тројката и Ѓекиќ.

На другата страна слично, поентерски добро „работеа“ четворица од првата петорка на тренерот Горан Самарџиев. Недостасуваа поените на искусниот Петровски.

Имаше Куманово позитива од десет поени (71:61) во 32.минута. Но од тој момент на теренот во наредните пет минути како да постоеше само една екипа - кавадаречката.

Успеаја гостите да го стигнат тоа високо водство на противникот. Дојдоа на само еден поен негатива (72:73) кога останаа да се доиграат нецели четири минути.

Тројката на Соколов ја продолжи гостинската серија на (14-2) и ги донесе и до водство (75:73). Ја прекина Андрејевиќ, донесе минималец за Куманово (76:75). Но Дарко Соколов имаше поинакви планови. Погоди тројка на 38.секунди пред крајот. Ливингстон не ја погоди тројката за ново водство на Куманово. Па мораше да прават „брз прекршок“. Беше „одбран“ Петровски, погоди едно од двете слободни фрлања, за (79:76). Робев беше поуспешен, иако сакаше малку поинаков епилог, за (78:79), а крај на таа пенал завршница стави Петровски. Очекувано, ги утна двете слободни фрлања на секунд пред сирената. 

Па сега, Еуро Никел 2005 има ефект (8-5), додека Куманово 2009 нешто послаби (7-5).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 16.КОЛО

Црн Дрим Грин мобиле – Гостивар    72:83

Пелистер – Академија ФМП       100:72

Куманово 2009 – Еуро Никел     78:79

НЕДЕЛА:

17.30: Кожув – ТФТ

Сала „26.април“ – Гевгелија