05.03.2022

Неделниот дуел во „Кале“, 158. по ред во историјата, најголемите ривали во мак-баскетот го дочекуваат со големи, пред се, тренерски промени...

17.КОЛО - ПРВА ЛИГА-МАЖИ: На ред е вечното дерби, со малку поинаква „слика“од претходната

Нема веќе „непобедливи“ екипи во Првата лига. Таква беше од Битола, но Пелистер загуби на гостувањето во Скопје од дебитантот во друштвото на најдобрите, Феникс 2010 во одложениот натпревар од 14. коло.

Па сега првиот пратител, но и другите се чекор поблиску до лидерот кој поради тие обврски доби „ден повеќе“ за одмор, и својот нареден меч, од 17. коло ќе го игра во понеделник, во Куманово.

Претходно, имаме четири натпревари кои се во саботниот распоред, а на празникот Прочка, еден со друг ќе си „простуваат“ најголемите ривали во македонската кошарка.

Од 19.30 часот во СРЦ „Кале“, Работнички го пречекува МЗТ Скопје Аеродром, како дел од уште една приказна на „вечните“, 158. по ред во историјатот на нивните натпревари, а во кои „црвено-белите“ сеуште се во високо водство. Имаат 91. победа наспроти 66. порази

Со доста новитети на двете страни во однос на првата пресметка во СЦ „Јане Сандански“ кој бранителот на титулата ја реши со убедлива разлика.

Најголемата е на двете тренерски клупи. На местото на Тони Симиќ кај „црвено-белите“ е Игор Михајловски. На другата „сино-бела“ страна од градот, Дарко Радуловиќ беше заменет со Александар Петровиќ, кој се збогува со Навико Академија ФМП за да се врати таму каде што работеше пред една деценија.

Работнички го засили и играчкиот дел, па нови лица во тимот од „Градски парк“ вечерва треба да се Стефан Балмазовиќ, кој е во некоја улога на „повратник“, потоа Деон Едвин и Жален Гади, кои ќе треба му помогнат на оној помалку искусен дел од ростерот.

Дилема за новиот предводник на „металците“ е дали Адем Мекиќ ќе се врати во тимот по санираната повреда, а хендикеп е неиграњето на уште еден репрезентативец, Бојан Крстевски, кој има проблеми со слабините.

Тренерска промена направи и екипата на Ангели, која вечерашниот дуел (17.часот), против новиот Куп-освојувач - ТФТ, ќе го дочека со Боби Митев на првата тренерска позиција.

Нов шеф на стручниот штаб има и Навико Академија ФМП, каде по заминувањето на Александар Петровиќ кон Аеродром, неговата улога ја презема Никола Божиновски, еден од творците на овој клуб, кој зад себе има навистина одлични резултати, не само во оваа сезона.

Два натпревари нè очекуваат од 18 часот. Посебно интересен би требало да биде оној во Гостивар, каде играат две екипи  кои имаат свои, победнички серии. Па една од нив, Гостивар или Феникс 2010 ќе биде запрена по одигрувањето на овие 40. минути.

Еуро Никел 2005 важи како фаворит во дуелот со Кожув, но искусниот кавадаречки тим ќе треба тоа да го потврди на теренот во „Јасмин“.  

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 17. КОЛО

5. МАРТ (САБОТА):

17.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Навико Академија ФМП

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

Стрим: https://youtu.be/UVCqZYeHREU

17.00: Ангели – ТФТ

Сала „Независна МАкедонија“ – Скопје

Стрим: https://youtu.be/r61RzOZ6iLE

18.00: Еуро Никел 2005 – Кожув

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

Стрим: https://youtu.be/t4Jvf5KGUPg

18.00: Гостивар – Феникс 2010

Сала „Младост“ – Гостивар

Стрим: https://youtu.be/9G0-J-IoAS8

6. МАРТ (НЕДЕЛА):

19.30: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

Стрим: https://youtu.be/LVxwCWc6vXA

7. МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК):

18.30: Куманово 2009 – Пелистер

Сала на Економско училиште „Перо Наков“ – Куманово

Стрим: https://youtu.be/s8nSxFkW34c