14.03.2021

Во последниот натпревар од ова коло, МЗТ Скопје Уни Банка го изненади Кожув (81:74)

17.КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: „Стоп“ за Кожув од МЗТ Скопје Уни Банка!

Уште една екипа која атакува на првите шест места и пласман во плеј-офот, го положи оружјето пред младиот тим на МЗТ Скопје Уни Банка. Гевгелиски Кожув направи еден сериозен пресврт во третата четвртина, но младите „металци“ имаа многу подобар финиш, и го победија фаворитот „на хартија“...

МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – КОЖУВ     81:74

По четири минути во втората четвртина, и мини-серијата од (9-3), домашната екипа имаше водство од девет поени (31:22). Во добар дел и поради далеку подобриот скок во однос на гостите од Гевгелија (дури седум повеќе за толку краток временски период од играта. По 10.поен на Максим Митевски, составот од Аеродром водеше со идентична рзлика (35:26), а Дарио Митевски донесе и двоцифрени (37:27).

Со четири поени во серија Симоновски не дозволи поголема предност за сино-белите“ (33:38). А во последните секунди од полувремето, Д. Митевски со нова тројка, ја врати солидната предност на МЗТ Скопје Уни Банка на (43:35).

Имаа плус 10 домашните кошаркари (52:42), по три минути од продолжението. Но уште еднаш по којзнае кој пат по ред, Кожув најде сили да се врати. Со серија од (7-0) да се приближат одново на достижни (49:52).

Ниту тајм-аутот на Борче Даскаловски не го сопре падот во играта на неговиот млад тим.

Гевгеличани го искористија својот моментум. Направија пресврт, поведоа со (59:54), во осум минути, парцијално гледано, направија (24-11). А ефикасната трета четвртина заврши со плус 3 за гостите (62:59).

Но, на нецели три минути до крајот, МЗТ Скопје Уни Банка беше во плус од пет поени (79:74). Гостите заглавија на тие 74.поени, и беа казнети – со пораз!

Кај домаќините, двоцифрен број на поени, уште во раната фаза од третата четвртина достигнаа М.Митевски (18), Тодоровски (15) и Монгтомери (12), а подоцна им се придружија и Андоноски со 13, и Зекири со 12. поени.

Караџовски уфрли 19, Силаџи 18, Станојевиќ 14, а Симоновски уште 11. за Кожув.

За двете екипи ова беше и 15. средба во Првата лига во досегашниот дел од сезоната. Сега, МЗТ Скопје Уни Банка е на скор од четири победи и 11. порази, додека пак Кожув има ефект од седум победи и осум порази.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 17. КОЛО

МЗТ Скопје Уни Банка – Кожув           81:74

Еуро Никел 2005 – Црн Дрим Грин мобиле           111:74

Гостивар – Пелистер       80:100

ТФТ – Вардар         94:71

Академија ФМП – МЗТ Скопје Аеродром   85:73

Куманово 2009 – Работнички  95:70