07.03.2020

17.КОЛО ОД ПРВАТА ЛИГА: Битка за бројот 2

На две кола до крајот на регуларниот дел, неколку екипи имаат подеднакви шанси да застанат на втората стартна позиција пред почетокот на Суперлигата...

 

Бранителот на трофејот, МЗТ Скопје Аеродром е сигурен на позицијата број 1. Но кој ќе ја „фати“ онаа наредната, втората?

Одговор на тоа и некои други прашања, треба да дадат последните две кола од регуларниот дел од Првата лига.

А овој викенд на програмата е 17.коло, кое со себе носи неколку интересни најави. Се чини дека дерби дуел во саботната програма е оној во Куманово, каде се подобриот состав на Куманово 2009 го дочекува Гостивар.

До пред некое коло, гостиварци беа блиску и до првата позиција. Но влегоа во една мини-серија на порази (два во последните три кола), особено тежок, оној на последното гостување во Кавадарци. Па засега се далеку од сигурни дека ќе ја задржат втората. Особено што вечерва од 18.часот, им следува уште едно тешко гостување, она во Куманово.

„Никогаш не е лесно да се победи во Куманово“- јасен е во својата најава некогашниот „кумановец“, Александар Костоски. „Но сега ќе играме во еден доста, би рекол,  битно изменет амбиент. Во ’помалата сала’, и за жал, без присуство на публика. И тоа би требало да биде нашата шанса, секако со многу подобра игра од она второ полувреме во Кавадарци. Игра која треба да ја заборавиме и која не смееме да ја повториме“- додава организаторот на играта на гостиварци.

Кумановци пак се на победа зад „квартетот“ кој е на ефект (11-5). Со уште една, против еден од директните конкуренти ќе бидат во ситуација да се надеваат и на нешто повисок пласлман од актуелниот – она шесто место. Последно кое води во Суперлигата, каде се на ред уште десет круга.

„Играме добро, сето тоа изгледа многу подобро како одминува времето. И мислам дека сега имаме реални шанси да се искачиме некоја позиција погоре на табелата“- вели најискусниот во редовите на Куманово, Марјан Јанески.„Сепак пред нас е една и тоа како квалитетна игра која има и доста искусни играчи како Тасовски, Костоски, Димчевски. Добри странски кошаркари, добро се пополнети. Тоа само дополнително ни ја отежнува работата во желбите да врземе уште една, четвртта по ред победа. Дополнителен минус е што овој меч се игра без присуство на публика, па ќе мора и дполнително да се потрудиме да го надминеме и тој момент“.

Во две сосема различни расположенија го дочекуваат двете екипи дуелот во „Градски парк“ закажан за 18.часот.

Зад Работнички е оној несреќен пораз во вечното дерби со МЗТ во Аеродром. Зад Вардар пак дополнителен “ветар во грбот“ и дефинитивно претставува триумфот над конкурентот за опстанок, Академија ФМП.

„Против ФМП победивме натпревар од круцијална важност. И со тоа покажавме дека можеме да победиме кога играме под притисок. Против Работнички треба да бидеме свои. Растоварени од императивот да се победи, но максимално фокусирани на двата краја на теренот. Во моментов Работнички има најдолг, најквалитетен и најискусен ростер во лигата, и тука нема сомнение кој е фаворит. Токму поради тоа очекувам моите играчи да бидат максимално мотивирани, и да дадат и повеќе од своите можности на теренот“- посакува предводникот од клупата на „црвено-црните“, Дарко Радуловиќ.

Ќе мораат кошаркарите на Академија ФМП да ја продолжат битката за опстанок во друштвото на најдобрите во својата прва прволигашка сезона, по потешкиот пат.

Причина за тоа е поразот на гостувањето во „Кале“, каде ги имаа сите предуслови да биде сосема поинаку на истекот на 40.минути од мечот со конкурентот, Вардар.

Затоа тимот со новиот шеф на стручниот штаб, Владимир Мирковски ќе мора да побара и некои „алтернативни решенија“ во таа мисија за опстанок.

На пример, да бидат подобри од се подобриот состав на Кожув кој доаѓа вечерва во салата „Независна Македонија“ во Скопје.

„Ни претстојат уште осум тешки натпревари до крајот. Од нив два се со Вардар, во кои ќе се обидеме да го остваривме потцртаното и да дојдеме до опстанокот. Секако ќе пробаме да ја искористиме секоја шанса која ќе ни се пружи да запишеме уште некоја победа пред стартот на Плеј-аутот “- бара Мирковски пред овој меч

 

Натпревар во кој Академија ФМП нема да смета на Американецот Ноа Блантон со кого во меѓувреме клубот од Кисела Вода ја прекина соработката.  

„Без разлика на тоа што ФМП има само три победи, ја цениме нивната работа, организација на упрата, и желбата да опстанат во Прва лига. Со тиа и нашата подготовка за овој натпревар беше без никакво потценување. И со евентуална победа да се позиционираме што е можно подобри пред почетокот на Суперлигата“- вели Александар Јончевски.  „Очекувам тврда, но и брза игра, со многу кошеви. Верувам дека ќе одговориме соодветно на предизвикот и дека же славиме во Скопје“- дополнува првиот тренер на тимот од Гевгелија.  

Со оглед на тоа дека и двете екипи веќе се во фаза на подготовки за она што се нарекува „Плеј-аут“ лига, овој меч ќе биде токму еден подготвителен.

Битолчани не успеаја во обидите да ги оддржат „живи“ шансите за Суперлигата. Во овој момент имаат дури седум победи повеќе во однос на вечерашниот противник. И со уште еден триумф и дефинитивно ќе можат дури и да експериметираат во оние шест кола од доигрувањето за опстанокот.  Посебно ако се земе в предвид и еден друг податок кој вели дека се на четири чекори пред другите две екипи Академија ФМП и Вардар.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 17.КОЛО

САБОТА:

17.00: Академија ФМП – Кожув (стреам)

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

18.00: Работнички – Вардар

Сала „Градски парк“ – Скопје

18.00: Пелистер - МЗТ Скопје Уни банка

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

18.00: Куманово – Гостивар

Сала „Перо Наков“- Куманово

НЕДЕЛА:

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005 (МРТ)

Сала СЦ „Јане Сандански“- Скопје