07.03.2020

17.КОЛО ОД ПРВАТА ЛИГА-МАЖИ: И преселбата во „Кале“ не му посмета на Работнички да го победи Вардар

Ниту задоцнувањето од половина час не беше пречка за „црвено-белите“, макар и потешко од предвидувањата, да ја потврдат фаворитската улога, и да дојдат до планираните бодови во натпреварот со Вардар (81:76).

 

Работнички – Вардар     81:76

(18-13; 26-24; 19-13; 18-26)

А по тие половина час потребни за „транспорт“ од „Градски  Парк“ во „Кале“, се премина во знакот на нормалата.

И на „неутрален терен“ фаворитот создаде предност, но не преголема. По десет минути Работнички имаше „вишок“ од пет поени (18:13), но „вардарци“ немаа намера да се предадат. Многу поефикасно се играше на двете страни во таа втора четвртина во која беше виден резултатски егал.

Пред се ефикасен беше новакот кај „црвено-белите“ Балмазовиќ, кој за нецели 17. минути во игра, реализираше повеќе од половина од поените на домашната екипа – 21.  

Имаше пет тројки (од осум обиди) и 50% реализација од поле (3/6).

Доста необично, но за едно полувреме домаќините „испалија“ дури 26.пати за три поени (дадоа десет). Или дури десет обиди повеќе во однос на оние кои вредат два поени. По десеттата, која дојде од Американецот Питс, имаа сосема солидно водство (44:37).

Истото само го зголемија, по три четвртини фаворитот поведе и со двоцифрен плус, (63:50).

„Вардарци“ испратија закана во првите минути од последниот дел од играта кога се спуштија на едноцифрен минус од (59:68).

Белмазовиќ „закочи“ на 26.поени, но затоа „се појавија“ Мијатовиќ (18.поени),Питс (15.поени) и Младеновски (со дабл-дабл од 13.поени и 11.скока) доволно да се одбранат од сите напади на младиот вардаров тим, кој шанса за ново изненадување ќе побара во последното коло од регуларниот дел, во дуелот со бранителот на трофејот – МЗТ Скопје Аеродром.

За да ја одбранат втората позиција на табелата која ја делат со Гостивар (двете екипи со скор 12-5), „црвено-белите“ сленито викенд ќе се борат против Кожув во Гевгелија.

Комплетна статистика од мечот - ТУКА