17.03.2021

Вечните ривали вечерва пред себе имаат сериозни противници во Гостивар односно ТФТ...

18. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: МЗТ Скопје и Работнички бараат излез од кризата

Вечерва ќе се одиграат пет од планираните шест натпревари од 18. првенствено коло. Поради обврските на екипата на Куманово 2009 во Балканската лига (вечерва го играат мечот со Академик во Пловдив) одложен е дуелот со екипата на Црн Дрим Грин мобиле.  

Вниманието го привлекуваат два натпревари, а во кои во улога на домаќини се нашите претставници во АБА 2 конкуренцијата, МЗТ Скопје Аеродром (6-4) и Работнички (6-4).

Двата наши најтрофејни клуба се во криза на игра и на резултат, па вечерва, пред да заминат на нов турнир од регионалното натпреварување (од 22.до 28. март на Златибор), ќе треба да го потврдат својот моментален статус.

Односно да покажат дали ги надминале слабите изданија од минатото коло. Особено тоа се однесува за тимот од „Градски парк“ зад кого е едно лошо издание во Куманово.

Тому Работнички, од 17. часот, го пречекува тимот кој претставува најпријатното изненадување во лигата, ТФТ(10-4), во обид со победа да го прекине постот.

Уште поголем предизвик е пред екипата од Аеродром каде вечерва од 19.часот, гостува Гостивар (9-6).

Токму на овој меч во СЦ „Јане Сандански“, треба да се види реакцијата на раководниот тим на „сино-белите“ кој се одлучи за промена на првата тренерска позиција на која, барем засега, ќе биде Дарко Радуловиќ, до пред некој ден, првиот асистент на Ѓорѓи Кочов.

Двојната програма „Под Кале“ ќе биде надополнета со средбата во која Вардар (3-11) го пречекува вториот тим на МЗТ Скопје, со суфикс Уни Банка (4-11).

Еден час подоцна, од 18. часот, лидерот во шампионатот, екипата на Пелистер (14-2), по втор пат за доста кратко време, ќе ги одмери силите со кавадаречки Еуро Никел 2005 (9-6).

Се чини најголема неизвесност носи дуелот во Гевгелија, каде од 17.30 часот, екипата на Кожув (скор 7-8), го дочекува силно мотивираниот состав на Академија ФМП (8-8).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 18.КОЛО

ДЕНЕСКА:

17.00: Работнички – ТФТ

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

17.00: Вардар – МЗТ Скопје Уни Банка

Сала на КК „Вардар“ - Скопје

17.30: Кожув – Академија ФМП

Сала „26.април“- Гевгелија

18.00: Пелистер – Еуро Никел 2005

Сала „Боро Чурлевски“ - Битола

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар (МРТ)

ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР:

Црн Дрим Грин мобиле – Куманово 2009