17.03.2021

На дебито на новиот (привремен) тренер Дарко Радуловиќ, МЗТ Скопје Аеродром славеше убедлив триумф (93:76)

18. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Вистинска реакција на „металците“, лесно се справија со Гостивар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром брзо се вратија на победничкиот колосек. По турбуленциите кои ги предизвика неуспехот во минатото првенствено коло, промената на шефот на стручниот штаб, Ѓорѓи Кочов, и именувањето на Дарко Радуловиќ за негов неаследник, најдоа сили, мотиви, покажаа амбиции, за убедлива победа против Гостивар, екипа од горниот дел на табелата.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ГОСТИВАР           93:76

Екипата од Аеродром покажа реакција по тренерската смена. по нецели осум минути од почетокот на средбата во „Јане Сандански“ направија предност од (23:9), за таа прва делница „сино-белите“ од Аеродром да ја затворат со нешто пониски (29:18).

Гостите никако не успеваа да ја пронајдат својата напаѓачка игра ниту во вториот период. Доволно за мотивираните „металци“ да изградат и уште поубедливо водство до големата пауза (49:32).

Во исто темпо продолжија домашните кошаркари и по оние 15.минути за одмор. Во средината на третата четвртина имаа вишок од 25.поени (65:40), по што изгледаше дека тука работите се скоро па решени.

Но серијата од (17-2) на гостиварскиот состав, реализирана за нецели пет минути игра во последната четвртина, ги направи настаните на теренот многу повозбудливи, поинтересни.

Гостивар стигна до едноцифрен минус од (71:79).

Но МЗТ Скопје Аеродром веднаш најде одговор. Со своја серија (8-0) со која ги врати работите во некоја „нормала“. На „старото водство“ (87:71) кое го имаа во првото полувреме, кое овојпат не го испуштија, и стигнаа до седмата победа во 11. одиграни натпревари.

Одлично шутерско издание имаше Гравет, го заокружи со реализација на 21.поен, капитенот Стојановски дополни со 15, Бојиќ имаше 12, а Карачиќ уште десет поени.

Кај Гостивар, кој играше одлично само пет минути во четвртиот период, Димчевски даде 19.поени (6/9 за три), Вокер имаше 16.поени, а по 11 дојдоа од Тодоровиќ и Фрајдеј. Недоволно да се „побегне“ од седмиот неуспех во 16.одиграни натпревари во шампионатот.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 18.КОЛО

Работнички – ТФТ 73:77

Вардар – МЗТ Скопје Уни Банка         85:79

Кожув – Академија ФМП           77:84

Пелистер – Еуро Никел 2005   116:122

МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар      93:76

ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР:

Црн Дрим Грин мобиле – Куманово 2009

ТАБЕЛА: Пелистер (14.победи/3.порази), ТФТ (11/4), Еуро Никел 2005 (10/6), Академија ФМП (9/8). Гостивар (9/7), Кожув (7/9), Куманово 2009 (8/5), МЗТ Скопје Уни Банка (4/12), Вардар (4/11), МЗТ Скопје Аеродром (7/4), Црн Дрим Грин мобиле (1/16), Работнички (6/5);